Зоран Илиоски: Со скандалозната одлука на Апелациониот суд директно се врши ерозија на правото и правниот систем

0
362

Интегрален текст од изјава за медиуми на Зоран Илиоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Апелациониот суд вчера потклекна под политичкиот притисок на СДС, на медиумите под нивна контрола и СЈО, и донесе скандалозна одлука во спротивност со законот.

Скопска апелација го укина решението на Основниот суд во Скопје со кое беше одлучено нелегално прислушкуваните разговори да не бидат доказ во кривична постапка, и со ова судот направи класично прекршување на законот и донесе скандалозна одлука спротивно на правото и спротивно на било која логика и рационално размислување.

Судот не издржа на политичкиот притисок на СДС и не си ја исполни законската обврска судиите да одлучуваат само врз основ на Устав и закон – и никако поинаку. Судиите имаат обврска да бидат личности со интегритет и да не подлегнуваат под никаков притисок. Со вчерашната потполно нездраворазумска одлука судот најдиректно го прекрши законот за кривична постапка, кој во член 12 став 2 вели максимално јасно и прецизно дека:

„Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“.

Овој член од законот е јасен и дециден и истиот не остава простор да биде толкуван на поинаков начин, од тоа како што е напишан. Со ваквата скандалозна одлука на Апелациониот суд директно се врши ерозија на правото и правниот систем во Република Македонија, додека судството во очите на граѓаните се повеќе наликува на куклен театар.

Ова е многу опасно. Ова е сериозен и незаконски преседан и отвора можност незаконски прибавени докази да бидат дел од постапката со што директно го прекрши законот за кривична постапка. Сите ние граѓаните од денес треба да сме во неизвеснот и наместо да се потпираме на правото да зависиме од милоста на Заев и Верушевски кои сега ги имаат полугите на власта и ќе може уште повеќе да ги кршат нашите права и слободи.

ВМРО-ДПМНЕ е револтирана и згрозена од вакото неправо.

И една порака до сите. Ова нема да трае долго. Набрзо ќе има промени и СДС ќе замине од власт. Секој оној кој работи под диктат на СДС и вака ги крши законите за само да му се допадне и додвори на Заев ќе сноси одговорност и ќе одговара  за своите постапки.

Коментирај