ЗОИ 2018 во Пјонгчанг и ЛОИ 2020 во Токио на МТВ

0
109

Македонската радио-телевизија информира дека на своите програми ексклузивно ќе ги емитува настаните од 23. Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, кои ќе се одржат од 9 до 25 февруари оваа година.

„По долги и исцрпувачки преговори со ’Дискавери’, официјалниот носител на правата за Олимписките игри на територијата на Европа во периодот 2018-2024, јавниот сервис успешно ја круниса важната мисија – да ја продолжи полувековната традиција, според која спектакуларните манифестации се меѓу главните препознатливи белези на неговата богата спортска програма. Договорот со кој МРТ обезбеди да ги пренесува и Олимписките летни игри во Токио во 2020 година е склучен на три дена пред почетокот на Игрите во Пјонгчанг, пред сè поради цената на телевизиските права далеку повисока во однос на цената од претходните олимпијади. Сепак, Македонската радио-телевизија вложи максимални напори и успеа да издејствува поволни услови, врз основа на кои ќе остане главниот промотор на олимпизмот и на олимпиското движење во земјава“, се вели во соопштението.

Од 9 до 25 февруари на МТВ 1 и на МТВ 2 гледачите ќе може да уживаат во 150 часа ексклузивна премиерна програма од најатрактивните случувања на снежните терени во Пјонгчанг. Во периодот од 2 часот изутрина до 15.30 часот попладне директни преноси ќе одат од натпреварите во алпско скијање, хокеј на мраз, уметничко лизгање, скијачки скокови, биатлон и во нордиско скијање. Поради временската разлика со Кореја од осум часа, некои од возбудувањата во боб, санкање, брзо лизгање, акробатско скијање и во сноуборд ќе бидат емитувани одложено во попладневните и во вечерните часови, па заедно со репризите јавниот сервис ќе понуди повеќе од 200 часа ексклузивнa олимпискa содржинa.

Во редовните термини ќе бидат емитувани и преносите од фудбалската Лига на шампионите и од Лига Европа, од ракометната Лига на шампионите во двете конкуренции, од ракометната СЕХА-лига, како и од завршниот турнир на кошаркарскиот Куп на Македонија.

Коментирај