Завршија 45. Илинденски спортски игри во Чешиново

0
316

Во општина Чешиново-Облешево синоќа на пригоден начин, со одигрување на финалниот натпревар во мал фудбал помеѓу екипите на Бање и Чифлик, завршија годинашните 45-ти Илинденски спортски игри, кои се одржуваат во чест на националниот празник Илинден.

По едномесечни фудбалски натпревари, екипата на Бање е победник на Илинденски спортски игри 2017, откако на пенали ја совлада екипата на Чифлик со 3:1.

Блашко Ѓоргиев (Чифлик), Благојчо Анчов (Бање) и Зафир Стоиманов (Пробиштип) добија благодарници за повеќедецениско учество на Илинденските спортски игри, како и Полициската станица Кочани и Судиски актив при ОФС – Кочани за помош во одржувањето на игрите.

Оливер Велковски од екипата на Бање го понесе епитетот „Најдобар играч на турнирот“, екипата на „Чифлик“ го доби пехарот за освоено второ место и чек од 30.000 денари, а победничкиот пехар му беше врачен на Влатко Нанев, капитен на Бање, заедно со чек од 60.000 денари.

Наградите и признанијата им ги врачија Јоже Јефтимов, претседател на Организациониот одбор на Илинденски спортски игри 2017, и Костадин Личков, градоначалник на општината Чешиново-Облешево.

Илинденските спортски игри се меѓу најмасовните спортски манифестации во овој регион. Годинава учествуваа 12 екипи од Кочани, Чешиново-Облешево, Штип, Карбинци и Пробиштип.

Коментирај