Започна постапката за реконструкција на ученичкиот дом во Кавадарци

0
745

„Ќе го реновираме ученичкиот дом во Кавадарци. Покрај грижата за подобрување на условите во студентските домови, преку бројни веќе реализирани, тековни и инвестиции кои наскоро ќе започнат да се имплементираат, еден од нашите врвни приоритети е и унапредувањето на ученичкиот стандард, особено во делот на подобрување на условите за сместување и престој во државните ученички домови“, објави на социјалните мрежи заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

„Во овој контекст, со задоволство информирам дека преку Бирото за јавни набавки веќе започнавме постапка за избор на компанија која ќе го реконструира ученичкиот дом “Крсте Петков Мисирков’’ во општина Кавадарци. Станува збор за инвестиција во вредност од 5 милиони денари, обезбедени преку буџетот на Министерството за образование и наука. Рокот за доставување на понудите е до 1 март, по што ќе следи евалуација и избор на најповолната и секако, почеток на градежните активности“, напиша Ристовски.

Тој додаде дека пред три месеци била завршена реконструкцијата и на ученичкиот дом во рамки на основното училиште “Христијан Тодоровски – Карпош“ во општина Старо Нагоричане. Објектот доби нова фасада, а реновирана е кујната, мензата и сите останати простории.

Коментирај