Заев по средбата со Сасоли: Нашето членство во ЕУ е незаменливо

0
66

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска го прими во посета Претседателот на Европскиот Парламент Давид – Мариа Сасоли, кој во нашата земја е на покана на Претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Европскиот Парламент Сасоли, и членовите на неговиот кабинет имаа билатерална средба со премиерот Заев и со членовите на делегацијата на Владата на која беа заменик претседателот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

За тоа колку е голема неговата, и поддршката на Европскиот парламент за нашата земја, говори фактот дека Македонија е првата земја што ја посетува новоизбраниот претседател на европскиот дом на демократијата, рече Заев по средбата.

Според него, оваа посета е одлична прилика да ја изразиме нашата благодарност до Европскиот Парламент, до сите европратеници кои гласаа за резолуцијата со која ги повикаа членките на ЕУ да започнат преговори со Македонија и до Албанија, откако таквата одлука не беше донесена на октомвриската сесија на Европскиот Совет и на Самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ.

Речиси сите европски лидери се согласија дека на 18.  октомври на Македонија ѝ беше нанесена неправда и дека неодобрувањето на преговори со ЕУ е историска грешка. Тоа испрати погрешен сигнал на сите нас во земјата и во регионот.

Наместо тоа, недавањето согласност да започнат преговорите по поглавја ги врати на агендата прашањата на евроскептиците и дилемите дали ЕУ навистина останува на своите политики за проширување и дали има алтернатива. Не е лесно да се продолжи без структуриран и систематски притисок што ќе го донесеа пристапните преговори – Но, ние веиме нема алтернатива.  Мораме да продолжиме, дури и посилно со реформите, со докази дека во земјата владее правото, дека имама силни аргументи за напредокот во економијата. Тие реформи ни се најпотребни заради нас, дома, изјави Заев.

Заев потенцираше дека државата и граѓаните веруваат во вредностите на ЕУ и оти се убедени дека новата шанса за нашата земја ќе биде отворена наскоро.

Европскиот Парламент и резолуцијата за Северна Македонија и Албанија се поттик дека ќе продолжи притисокот да се врати одлуката што не е донесена и дека претстојните дискусии во ЕУ ќе завршат со обновен консензус за проширување. Подготвени сме за тоа и сакаме да учествуваме во тоа. Но, цврсто веруваме дека перспективата за членство во ЕУ е незаменлива и не треба да биде доведувана во прашање, доколку навистина сакаме стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан, рече Заев.

Коментирај