Заев со писма до премиерите од ЕУ: Одлуката за преговори пресудна за Договорот со Грција и иднината на Македонија

0
343

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев упати писма до премиерите на земјите членки на Европската Унија во кое ги повикува своите колеги да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Република Македонија со Европската унија со временска рамка на процесот, како одлука заснована на заслуги, и како одлука која е одамна заслужена.

Премиерот Заев во писмото ги известува премиерите на земјите членки на ЕУ за постигнатиот Договор за решавање на разликата околу името и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.

„Договорот претставува историска можност за надминување на спорот што ги оптоварува односите меѓу двата соседи повеќе од 25 години, и го попречуваше нашиот пат кон евро-евроатланска интеграција“, се вели во писмото на премиерот Заев до неговите колеги од ЕУ.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев информира во писмото и за чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди стапувањето во сила на договорот, и ги запознава премиерите дека е веќе извршена ратификацијата на Договорот во Собранието на Република Македонија, по што следува известување од страна на Република Грција до ЕУ дека  таа го поддржува отворањето на пристапните преговори за нашата земја, како и поканата за членство во НАТО.

Премиерот Заев во писмото до премиерите на земјите членки на ЕУ известува дека на есен ќе биде одржан референдум за поддршка на договорот, по што ќе следи и спроведувањето на постапката за уставни промени.

„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнува во писмото премиерот Заев.

Затоа, се вели во писмото на премиерот Заев, „во пресрет на претстојниот Европски совет, ја барам вашата поддршка за одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија“.

„Со таквата одлука ќе биде оддадено признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс. Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор“, нагласува во писмото до своите колеги, премиери на земјите членки на ЕУ, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и наведува дека со нетрпение ја очекува драгоцената поддршка за донесување на одлука за отворање на преговорите за пристапување на Република Македонија со ЕУ претстојниот состанок на Европскиот совет.

Извор: Влада.мк

Коментирај