Заев: Охридскиот рамковен договор влегува во Преамбулата, а АСНОМ излегува

0
1241

По двете средби на независната парламентарна група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со премиерот Зоран Заев, Владата соопшти дека барањата ќе бидат вметнати во нацрт-амандмани што произлегуваат од Преспанскиот договор. Заев посочи дека Охридскиот рамковен договор ќе биде дел од преамбулата на Уставот, а пак, дел од АСНОМ се брише.

-Охридскиот рамковен договор е целосно вграден. Пратениците на Алијанса на Албанците и БЕСА го имаат своето право и имам целосно разбирање. Нивните барања се суштествени измени. Сфативме дека е легитимно право и не значи дека треба веднаш да биде затворено прашањето. Јас можам да дадам позитивен однос на ова, рече Заев во однос на барањата на БЕСА и Алијанса на Албанците за внесување на амандманите за зајакнување на идентитетот.

Во делот на АСНОМ, како што посочи премиерот, останува прогласот, а се менува одлуката бидејќи содржи ‘Македонци од Бугарија и Грција обединете се’.

Говорејќи за нацрт-амандманите, Заев рече дека првиот дел се однесува на потврдата на македонскиот идентитет, а членот 7 го гарантира македонскиот јазик. Вториот дел е за стапувањето во сила, а тоа ќе биде откако Грција ќе го ратификува договорот и ќе го поддржи членството на Македонија во во НАТО. Третиот е за менување на името, а тоа ќе биде сукцесивно, односно, ќе го почитува рокот за граѓаните да не мора веднаш да менуваат документи, односно да вадат кога ќе им истечат постоечките.

-Зборот Македонија се менува со Северна Македонија, односно, тоа не се прави само во еден член каде се зборува за историјата на државата. Републиката ќе се грижи за сите иселеници, исто и тоа е дел од од амандманите. Со секој амандман оди и одлука. Составен ден од Уставот е Уставниот закон. Во тој закон ќе биде дел од договорот и барањата на независните пратеници, рече Заев објаснуваќи ги измените.

Премиерот изјави дека е он-лајн со Грција, со која постојано се консултира, што не е обврзувачки, туку е пријателски и тие имале разбирање. Според Заев амандманите се едноставни и јасни и истите заслужуваат поддршка од сите пратеници, па се надева дека кога ќе ги испратат ќе успејат да ги уверат пратениците како Панчо Минов дека процесот треба да биде поддржан. Заев појасни дека го споменува Минов бидејќи тој бил видлив и ги дал своите сугестии.

-Мислев дека и тој ќе гласа, но не гласаше. Постојат многу пратеници кои се растеретени од партиски предрасуди за да го поддржат процесот, рече Заев.

Договорот е „фер инаф”, не може подобар, изјави премиерот, додаваќи дека пратениците ќе ја донесат одлуката слободно и во прилог на граѓаните.

-Апелирам да продолжиме со инклузивен процес, порача Заев и додаде дека на пролет следната година, треба да се заврши протоколот со НАТО, а 2019, почеток 2020 да бидеме полноправна членка на НАТО, додава Заев.

Извор:republika.mk

Коментирај