Заев нема мандат, но презентираше владина програма – еве што содржи

0
370

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во седиштето на партијата презентираше програма на, како што рече, новата влада. Програмата, потенцира Заев, содржи решенија кои треба да овозможат подобар живот на сите граѓани, да обезбедат развој на економијата, правна држава, ефикасни институции, побрза интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Заев истакна дека ниту едно решение во Програмата, која, рече е сублимат на програмата на СДСМ, но и на партиите со кои е обезбедено мнозинството, не ја доведува во прашање унитарноста и суверенитетот на Република Македонија.

Претседателот на СДСМ потенцира дека новата влада ќе биде реформска за исполнување на стратегиските интереси на Република Македонија. Најави зголемена контрола на буџетот и на трошењето на буџетските пари, независен и ефикасен правосуден систем, еднаков пристап до правдата на сите граѓани, формирање специјално одделение во Основниот суд Скопје 1 за предметите на СЈО, контрола на следењето на комуникациите за кривичните истраги и за безбедносни прашања, атмосфера во која ќе се развиваат слободни медиуми.

Најави и расветлување на кумановските настани, а за тоа, рече,  ќе побараат и меѓународна поддршка за истрагата.

Ќе донесеме, додаде, и закон за унапредување на јазиците, кој ќе овозможи сите граѓани полесно да функционираат во комуникациите со државните институции и тоа да биде во рамките на Уставот.

Силно веруваме, потенцира тој, во концептот едно општество за сите. – Македонија ќе се гради како граѓанска држава. На граѓаните Албанци ќе им овозможиме да комуницираат со институциите на својот јазик. Сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, рече Заев.

Најави дека ќе чека Иванов да му го додели мандатот за формирање нова влада.

– Не сакаме да воведуваме нови пракси во Македонија. Затоа сме вака упорни и пред граѓаните и пред господинот Иванов. Сакам да го разубедам господинот Иванов дека нема повеќе платформи и планови, има единствено програма за идна влада на Република Македонија.

Коментирај