Заев-Маркуш: Поддршка од Словачка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО

0
449

Словачка ја поддржува Македонија во ЕУ и НАТО интеграциите и ќе и помага во значајните области, истакнале на денешната средба во Скопје премиерот Зоран Заев и амбасадорот на Словачка Хенрик Маркуш, соопшти владината прес-служба.

На средбата е констатирано дека во Македонија постои позитивна клима за напредок, а разгледана е и можноста за експертска помош и поддршка од Словачка и во делот на работата на поглавјата при пристапниот преговарачки процес.

– Словачкиот амбасадор Маркуш оцени дека е одлична реформската агенда чиишто резултати се значајни за интеграциските процеси на државата. Тој пренесе дека Словачката Република продолжува да ја поддржува Република Македонија во НАТО и ЕУ интеграциите и нагласи дека за земјата е важно што поскоро да биде отворен преговарачкиот процес со ЕУ, се вели во соопштението.

Премиерот Заев се заблагодарил за поддршката од Словачка истакнувајќи дека Владата на РМ работи на сите важни области за квалитетот на животот на граѓаните и за перспективите на државата и оти секое позитивно искуство, помош и поддршка се значајни.

Заев соопштил дека отворените шанси за Македонија во интеграциските процеси веќе се одразуваат позитивно на инвестициската клима, со веќе склучени осум договори за конкретни нови инвестиции, 20-тина договори во најава и околу 200 нови заинтересирани инвеститори.

Со оглед на големото искуство на Словачка во финансискиот менаџмент на државниот систем, на средбата е разговарано за можноста за помош на Македонија преку проект за буџетски информативен систем.

Коментирај