Заев денеска и утре во Брисел на средби со Јункер, Могерини и Хан

0
365

Премиерот Зоран Заев денеска и утре е во дводневна работна посета на Брисел, на која е предвидено да се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, како и со комесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, пренесува „Мета“.

По средбата, која е прва меѓу македонски премиер и актуелниот претседател на Европската комисија, предвидени се заеднички изјави на Заев и на Јункер.

„На 6 декември, Заев ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, веднаш по молитвениот појадок во Европскиот парламент. Истиот ден, попладнето, премиерот ќе има состанок со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини. Премиерот Заев ќе има средба и со комесарот за соседска политика и за преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, со што завршува работниот дел од посетата на највисоките институции на ЕУ“, се вели во соопштението од Владата.

За време на посетата на највисоките институции на ЕУ во Брисел, Заев заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, ќе имаат средби и со други високи претставници на Европскиот парламент и на Европската комисија.

Во рамките на оваа дводневна посетата, премиерот Заев ќе учествува на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ во организација на Центарот за европски политички студии (CEPS), како и на трибината „Македонија по Шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Брисел.

Извор: Мета.мк

Коментирај