Заев: Чистата препорака од ЕК е потврда дека сме на вистинскиот пат – Сакаме брзо решение на спорот со името

1
119

Претседателот на Владата на Република Македонија, во присуство на дел од министрите во владата, одржа прес конференција по повод Извештајот на Европската Комисија и чистата, и безусловена препорака за почеток на преговорите за нашата земја со ЕУ.

Во своето обраќање премиерот Заев истакна:

Ова е еден од оние денови кога сите граѓани на Република Македонија можат да бидат горди, без исклучок.

Денеска стигнавме, сите заедно, до една од најважните, темелни, одредници на патот до целосното остварување на нашите стратешки цели. Денеска сме чекор поблиску до членство во Европската Унија и до достигнување на економските стандарди на Европската Унија. За сите граѓани на нашата земја.

Во својот извештај до Европскиот Совет на ЕУ, Европската Комисија предложи кристално чиста, безусловна препорака за почеток на преговорите за Република Македонија.

Во изминатите два Извештаи на Европската комисија, заради длабоката политичка криза и заради „заробената држава“, препораката за почеток на преговорите беше суспендирана и условена со одржување на фер и демократски избори, со имплементација на договорите од Пржино и на препораките на Прибе, односно со обезбедување слобода, демократија и реформи.

Оваа година, препораката е чиста и безусловна, а тоа значи дека Република Македонија го исполнува основниот политички критериум за членство во ЕУ што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување во членство во ЕУ.

Ова исто така значи дека политичката криза е зад нас, дека Европската Унија со внимание и со почит ги следи реформските и политичките процеси во нашата земја и дека сме влезени во редовни политички процеси како секоја функционална демократска држава.

И еве, соодветниот одговор стигна денеска. Комисијата ни оддаде признание, ни потврди дека сме на вистинскиот пат и ја отвори вратата за европска Македонија.

17 април е голем ден и датум. Ова е ден кој ќе биде запишан на светлата страна на поновата политичка историја на Република Македонија.

Никој да не се сомнева. Најголемата заслуга за овој напредок, за ова успешно спроведување на реформските процеси и ова препознавање на вредноста на реформите ја имаат граѓаните на Република Македонија.

Владата посветено и одлучно ги сработи реформите. Но, одлуката да се стави крај на една штетна, погубна политика и да се отпочне нова реформска и прогресивна страница на нашата иднина – ја донесоа граѓаните.

Граѓаните се бореа за демократија, напредок, слобода и правда. Тие избраа нова власт и ја задолжија оваа власт да спроведе итни реформи. Власта послуша и се фати за работа.

Граѓаните потврдија дека многу добро знаат зошто е важно чекорењето на Република Македонија кон ЕУ. Граѓаните знаат дека со овој наш процес на приближување и зачленување во ЕУ обезбедуваме европски стандарди во работата на институциите, а тоа значи подобри услуги, подобри сервиси за граѓаните.

Одењето кон членство во ЕУ значи и подобра бизнис клима, повеќе инвестиции, повисоки плати, повеќе пари кај граѓаните, а сето тоа е подобар живот.

Затоа, огромно мнозинство од граѓаните го поддржуваат зачленувањето на Македонија во ЕУ и НАТО.

Македонија ќе добиеше препорака за отпочнување на преговорите дури и ако опозицијата не се вратеше во Собранието. Но, го направија вистинскиот чекор. Со враќањето покажаа дека навистина има нова политичка клима во Македонија и дека не се заборавени државните интереси. Затоа ова е успех и на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе го продолжиме процесот за градење консензус по сите клучни прашања како што успеавме да постигнеме согласност за неколку пакети реформски закони за следење на комуникациите и судските реформи Еден дел од тие пакети заедно ги изгласавме во парламентот. Верувам дека така ќе продолжиме и за другите закон и теми од национален интерес.

Власта покажа дека е инклузивна, дека прифаќа различно мислење. Опозицијата покажа дека е свесна за сопствената одговорност, и дека прифаќа различни аргументи.

Секако свој придонес имаат и БЕСА, Алијансата за Албанците и Демократската партија на Албанците.

Не запираме тука. Силно сме уверени дека ова е нов, поволен ветер за нашите идни, заеднички остварувања.

Во тој дух на искрена надеж и посветеност разговараме со нашиот сосед Грција. Остануваме заеднички фокусирани на решавање на долгогодишниот проблем кој го имаат со нашето уставно име.

Сакаме за брзо време да го решиме овој спор и за навек да го затвориме и ова прашање.

Извештајот на Европската Комисија, е извештај создаден од нашите искрени партнери и сопатници низ сите овие години и премрежија. Извештајот содржи јасни насоки до отворената врата на ЕУ.

Останува на нас, на тие насоки да ја додадеме енергијата, убавината и различноста на нашата Македонија. Сега е време сите да се вложиме уште посилно во евроинтеграциите. Сега е време да се истакне креативноста и одлучноста на Македонците, на Албанците, на Турците, на Власите, на Ромите, на Србите, на Бошњаците и на сите други, за да покажеме дека во единството на различностите делиме европски вредности.

Извор: Влада.мк

1 Коментар

  1. […] Претходно, премиерот Зоран Заев на прес-конференција по повод Извештајот на Европската Комисија, истакна: „Денеска сме чекор поблиску до членство во Европската Унија и до достигнување на економските стандарди на Европската Унија“ и дека „сакаме за брзо време да го решиме овој спор и за навек да го затвориме и ова прашање“. (прочитајте ТУКА) […]

Коментирај