Заев: Бугарија не е на чисто со признавањето на нашиот македонски јазик (ВИДЕО)

0
560

Јас не ја знам реакцијата, јас сега слушам од вас, изјави Заев откако беше запрашан за ставот на академиците на БАН.

Да не беа новинарите премиерот Заев немаше да знае дека за бугарските академици не постои македонски јазик. Тврдењето дека македонскиот е бугарски јазик напишан на српска машина, за Заев не е причина да се преиспитувало договореното со Бугарија. Според премиерот ќе имало реакција од страна на МНР, но прво да виделе што пишуваат академиците од БАН.

-Бугарија не е на чисто со се уште нашето признавање на нашиот македонски јазик, тоа е прашање кое низ имплементација на договорот остана да го решиме. Јас можам така робусно да кажам, готово ние тука ќе прекинеме се, не. Тоа не е политиката која што ја водам, низ пријателство ќе ги најдеме решенијата, изјави Заев.

Без осуда за ваквиот став на бугарските академици е претседателот во заминување на МАНУ, Таки Фити. Според неговите информации не го поддржувале сите овој документ. Тој смета дека нема прашање за кое не може да дискутираат со колегите од Бугарија.

-Излезе тој документ таков како што излезе. Јас имам други информации дека баш сите академици на БАН не го поддржувале тоа. Тука е инволвирање на политиката државна бугарска во тие работи. Но нема да ги расипеме поради тоа односите. Ние сме се договориле, нема прашање за кое што ние не можеме да дискутираме, дури и најсензитивните, изјави Таки Фити.

Додека Заев не знае, а Таки Фити не осудува, со остра осуда излегоа од Институтот за македонска литература.

-Наместо БАН како највисока научна установа во Република Бугарија преку науката да ги афирмира воспоставените научни и културолошки интеракции меѓу македонскиот и бугарскиот народ за градење пријателство и меѓусебно разбирање и почитување, индиректно активира политички инволвирања во директното негирање на македонскиот народ и на македонскиот јазик, што претставува повреда на меѓународното право за себеидентификување, порачуваат од Институтот за македонска литература.

Алфа побара став и од идниот претседател на МАНУ, академик Љупчо Коцарев. Тој не беше расположен да даде изјава, вели новинарите ќе го изваделе од контекст.

Извор: Алфа.мк

Коментирај