Заев: 736 лица целосно ослободени со амнестијата, а Законот опфаќа 2.345 затвореници

0
96

Вкупно 736 лица завршиле со отслужувањето затворска казна, согласно Законот за амнестија. Со Законот се опфатени вкупно 2.345, од кои 576 се целосно ослободени бидејќи согласно законот казната им завршила, а 160 се ослободени согласно членот 206 од Законот за извршување санкциии, според кој директорот на установата може да го отпушти осуденото лице и пред истекот на казната најмногу 30 дена, ако осуденото лице издржало најмалку три четвртини од казната затвор, доколку осуденото лице не добило условен отпуст.

Ова го кажа денеска премиерот Зоран Заев на собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи на неколку прашање на пратеникот од ДУИ Џеват Адеми во врска со процесот на спроведување на амнестијата и колку таа всушност ја исполнила својата првобитна функција.

Заев информира дека 1.560 осудени лица согласно Законот се со намалена казна од 30 отсто, а негативни решенија биле дадени за 49 случаи.

Појасни дека согласно членот четири од Законот за амнестија, таа не се однесува на правосилно осудени лица, за кои до денот во влегување во сила на законското решение е наредено издавање потерница поради нивна недостапност за органите на кривичен прогон.

– Законот е прецизен и јасен и никому не му е овозможено користење на законот за амнестија ако бил во бегство. Имаше проблем ако некој во периодот на издржување на казна бил пуштен на викенд, а не се вратил во понеделникот, ама се вратил по три дена. Имаше судии кои за таквите случаи, а кои се случиле пред стапување во сила на Законот за амнестија донесуваа негативни пресуди. Но Врховниот суд зазеде став и ги регулираше таквите пресуди со цел Законот да важи за таквите случаите кои се случиле пред неговото стапување во сила, рече премиерот.

Адеми побара од Владата да изврши дополнително истражување за бројот на рецидивистите меѓу амнестираните, бидејќи како што рече изминатите 15-тина дена од билтените на МВР, но и од разговори со јавни обвинители имал информација на зголемен обем на кривични дела кражби и разбојништва.

– Вообичаено лицата, кои се санкционирале со затворска казна за кражби, разбојништва и слично го повторуваат делото. Македонија е мала земја и се знае кои се тие луѓе, дури и кога до крај да ја издржат казната веројатно еден процент од нив повторно ќе го повторат делото. Тоа само укажува колку системот за ресоцијализација е ефикасен. Тоа е аларм за Министерството за правдда да изнаоѓа други механизми, да воведува вештини за тие луѓе, рече Заев.

Додаде дека преку Агенцијата за вработување се спроведува програма за приспособување на тие луѓе полесно да најдат работа.

Во врска со тоа дали временскиот период за дадена амнестија ќе се смета како отслужена затворска казна, согласно став во членот 36 од Кривичниот законик, Заев појасни дека тоа би значело дали самата амнестија од една третина се смета како отслужена казна или само отслужената казна е отслужена казна. Нагласи дека судовите тука се уште немаат усогласен став.

– Судовите се исправени пред одлука за која се уште немаат став. Почнато е градење на тој став на ниво на апелација и повисоко, а постои можност да се обратат и до Законодавно-правната комисија. Но сепак при вакви колизии секогаш се зема предвид онаа варијанта, која е поповолна за граѓаните, додаде премиерот, одговарајќи на пратеничко прашаање во Собранието.

Курир / МИА

Коментирај