ЗА МОЌТА НА ИЗБОРОТ И БЕСМРТНОСТА НА РЕПУБЛИКАТА

0
404

Браќа и сестри, силата на стравот и моќта на заканите целосно се разобличени.

Непријателот на Македонското национално постоење е разголен на борбеното поле. Заедно со неговите домашни платеници. Систематското доктринирање на јавното мислење и пропагандниот инжинеринг платени со народни пари од Буџетот на државата е моќен инструмент во рацете на квази институциите кои егзистираат за да егзистираат, наспроти потребите на цел еден народ на спротивната страна од барикадата.

Но овој народ има колективна свест и знаење и одолева на жестоката пропаганда и обидите за перење на мозоци, што се согледува во сечиј маалски муабет присутен во секој агол од Република Македонија.Нема обичен човек-граѓанин-работник кој ќе каже било што позитивно за актуелната власт, раководни политички структури во институциите и клиентелистички бизнис сектор кои цицаат по било каква основа јавни буџетски пари собрани од маката на народот.

Завесата е високо крената, публиката е на нозе а конците на кукларот се пресечени. Останата е гротескната фигура на илузионистот кој нема повеќе трикови во ракавот.

Се е јасно!

Кој е изборот и дали воопшто вреди да се прави избор?

– е прашање кое се наметнува секојдневно во ова наше современо Македонско премрежје.

Ова навидум едноставно прашање е едно од најкомплексните раскрсни точки во секој даден момент од животот на човекот за чиј што одговор веројатно се уште не се допишани последните страни за конечниот заклучок.

Но едно е сигурно: Без борба нема победа.

Понекогаш борбата може да биде со пасивен отпор, но целта мора да биде априори се друго, за да самата борба биде рационална и оправдана, независно што таа е преку пасивни методи на делување. Од друга страна пак борбата понекогаш вреди да биде загубена во интерес на постигање на повисоката цел.

Мечкин Камен и херојската смрт на четниците од четата на Питу Гули е светол сведок за оваа моја теза, кој со почит го користам за илустрирање на мојата поента. Питу Гули загинал со бесмртните негови соборци за да биде светилник на генерациите што доаѓаат за да имаат на што да се повикаат кога ќе ја продолжат борбата што тој ја започнал.

Духот на Питу е присутен и ден денес, за сите оние кои чувствуваат повик да се приклучат на борбата. Таа борба е борба за Републиката на Македонскиот народ составен од сите кои го чувствуваат овој политички ентитет како свој.

Етницитетот “Македонски народ” непријателите на Републиката намерно сакаат да го претстават во шовинистички контекст се со цел да се создаде внатрешен судир помеѓу Македонските граѓани. За таквите ПР манипулатори и “раздели па владеј”-Цезари имам само едно да порачам:

Републиката во основа почива на концептот на постоење на граѓанинот пред се друго.

Затоа Републиката никогаш нема да биде уништена се додека постои и последниот вистински Републиканец!

Расните, верските, политичките, идеолошките и други различности се индоктриниран и наметнат концепт за контрола низ системот на поделби на граѓаните во овој географски простор. Оттука секој еден кој повикува на поделби или истите ги овозможува по било каква основа помеѓу граѓаните на Републиката е соработник на непријателот на Републиката за дадениот географски простор.

Силата на граѓанинот лежи длабоко во неговите индивидуални особености, различности и специфики. Со стратешки сестран развој на научната мисла овие различности на индивидуата можат да се профилираат во општ јавен интерес кој ќе служи за одржливост и развој на самиот систем во глобални рамки на конкуренција на локални републички структурирани автоноимни системи на целата земјина планета каде е застапена современата цивилизација.

Редот и поредокот произлезени од афирмативните потреби на граѓаните на Републиката се своевиден невидлив канал за меѓусебна општествена комуникација кој динамично и ажурно мора да се гради и надградува. Правото и правдата како производ на таквиот ред и поредок е реална вредност кон која сакам да се стремам како поединец со многу знаење, свесност, општествена релевантност и присутност.

Затоа Републиката е идеал за кој вреди да се борам. Наспроти феноменот на глобализација по мерка на финансиските центри на моќ, каде индивидуата е роб на парите како сретство за реализација на цели определени од страна на интересни сфери на моќ кои можат да бидат на штета на јавниот интерес на мнозинството граѓани.

Републиката е право на мој избор, за кој вреди да работам и да се вложувам себеси.

Мојот избор е јасен: Тоа е мојата секојдневна борба за индивидуалниот и јавниот интерес како лојален граѓанин на мојата Република.

Да живее Република Македонија во мир и просперитет за Македонските граѓани.

Извор:брегалнички.мк

Коментирај