За Јанева укинувањето на притворот наеднаш стана реформа: Куќниот притвор е добар за владеење на правото

0
411

Според специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за реформите за владеењето на правото, добро е осомничените и обвинетите од истрагата „Империја“ и предметот „Титаник“ да бидат во куќен притвор.

СЈО неделава му предложи на судот да ги пушти од притворот во Шутка во куќен притвор Сашо Мијалков, Орце Камчев, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

-Што се однесува за сегашните одлуки за определени притвореници кои се опфатени во истрагите „Империја“ и „Титаник“, како Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, мислам дека за периодот додека беа во притвор се собраа доволно докази и се анализираа сите аспекти до кога би можеле да бидат во притвор и дали со други мерки може да биде обезбедено нивното присуство. Сметавме дека е добро за реформите, за владеењето на правото, овие лица да бидат во следниот период во куќен притвор и со тоа ќе биде доволно обезбедено нивното присуство –изјави Јанева во вестите на „Канал 5“ телевизија.

Јанева вели тоа е така бидејќи во следниот период од истрагата за „Империја“, ќе се вршат само финансиски анализи, па осомничените веќе не се потребни во притвор.

-Не може да влијаат на сведоци или да го повторат делото. Што се однесува до точката бегство., мислам дека е доволно да бидат во куќен притвор, со одземени некои права –одговори таа.

За Јанакиески и Божиновски, таа вели дека се работи за фамилијарни луѓе и двајцата многу уверливо потврдиле дека нема да ја напуштат Република Македонија при давање искази во СЈО.

Во врска со изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека е разочаран од работата на СЈО, Јанева рече дека „МВР треба само да ги спроведува одлуките на судот и барањата на обвинителство, вклучително и на СЈО и тој не е компетентен да ги коментира ваквите одлуки, бидејќи се само помошен орган на судот, обвинителството и СЈО“.

Претходно судот соопшти дека судијката Весна Димишкова ги прифатила предлозите за куќен притвор на Сашо Мијалков.

-Постапувајќи по предлог на Специјалното јавно обвинителство, судијата на претходна постапка го прифати предлогот за укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор за обвинетиот С.М. во случајот од Обвинителството означен како „Империја“ –соопшти Основниот суд Скопје 1.

Извор:lider.mk

Коментирај