ВТОРА СРЕДБА: Заев, Груевски, Ахмети и Џафери синоќа кај Иванов разговарале за актуелните случувања

0
1926

Синоќа во „Вила Водно” се одржала средба на која присуствувале претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на ДУИ, Али Ахмети.

Според соопштението објавено на веб-локацијата на Претседателот, средбата се реализира како резултат на претходно започнатите разговори.

Ова е втора средба, откако вечерта на 28 ноември по приведувањето на 36 лица, меѓу кои и 6 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок за настаните во Собранието на 27 април, на средба кај претседателот беа премиерот Заев и Груевски.

За синоќешната средба соопштено е дека „беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија и се разговараше за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните“.

„Соговорниците се согласија дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија. За прашањата кои предизвикаа интерес на оваа средба, разговорите ќе продолжат и во иднина“, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателот.

Коментирај