Во Собранието ќе се гласа за потребата од носење на законот за јазиците

0
1102

Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да гласа за потребата од носење на Предлог – законот за употреба на јазиците, по што тој ќе влезе во втора фаза и пратениците ќе можат да поднесуваат амандмани по текстот.

Се очекува, според најавите, опозицијата да не гласа за предлог-текстот во прво читање и, како што изјави вчера на пленарната седница Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, да поднесе повеќе амандмани со кои од законот ќе се тргнат одредбите кои се надвор од Уставот. Опозицијата смета дека законот е неуставен, дека нема да биде применлив и дека ќе резултира со дополнителни фрустрации кај граѓаните.

По изјаснувањето, следува амандманска расправа во Комисијата за европски прашања бидејќи законот има европско знаменце. Расправата во Комисијата може да трае три дена, по што законот се враќа на пленарна седница пред пратениците во Собранието.

Инаку, според предлогот, законот предвидува, покрај македонскиот јазик, кој е службен на целата територија на државата, службен е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Во сите органи на државната власт – централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик, покрај македонскиот, ќе биде и албанскиот. Истото важи и за единиците на локалната самоуправа.

Доколку претседателот на Собранието е Албанец, пленарната седница ќе може да ја води и на албански јазик. Личните документи и патните исправи на граѓаните по автоматизам ќе бидат издавани на службениот јазик што го зборува граѓанинот. Во судските постапки јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции, покрај македонскиот, ќе се применува и албанскиот јазик.

За двојазичните банкноти, амблеми на војската и хартиите од вредност ќе решава Венециската комисија и доколку таа позитивно се произнесе, тие дополнително ќе бидат вградени. Во општините каде што Албанците се над 20 отсто, униформите на полицијата, пожарникарите и здравствoто ќе бидат и на албански, а на банкнотите ќе има културни елементи на Албанците, но не и текст на албански јазик.

Според предлогот, за спроведување на законот ќе бидат издвоени дополнителни средства од буџетот на Република Македонија поврзани со основањето Агенција за примена на јазикот како и Инспекторатот за употреба на јазиците.

Функциите на овие две установи се сеуште нејасни, но едно е сигурно, Инспекторатот за употреба на јазиците ќе ја има функцијата да ги казнува граѓаните и државните институции кои нема да го употребуваат албанскиот јазик.

Budzet-Institut-za-jazici

Коментирај