Во Прилеп започна шестото издание на Интернационалниот џез-фестивал

0
300

Со настапот на Биг Бенд на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ) на летната сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа започна шестото издание на Интернационалниот џез фестивал кој ќе трае до 26 август.

Публиката, синоќа го проследи и настапот на хрватскиот тапанар Круно Левачиќ со својот Квартет „The Problems“. Пред почетокот на Фестивалот, во фоајето од домот на културата „Марко Цепенквжов“ на прес-конференција беше промовиран и компакт-дискот за досегашните пет изданија на „Џез викендот“ насловен „Пет години „Prilep Jazz Weekend“.

Според Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа, Фестивалот има создадено свој бренд и надвор од границите на земјава.

– Започнувајќи во 2012 година, со голем ентузијазам, а многу скромно, фестивалот прерасна во едно од најпознатите и најголеми културни случувања не само во Македонија туку и во регионот. Ние сме особено горди на тоа, а најмногу се радуваме на публиката која од година во година ги препозна вредностите и таа е се побројна. На овој кмпакт-диск се наоѓаат најдобрите нумери од 2013 до 2016 година. Можам само да изразам огромно жалење што немаме професионално снимање од првиот џез-викенд кој ќе остане само во сеќавање на тие кои тогаш беа присутни, рече Ристеска.

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески смета дека овој фестивал воспоставува голема традиција за џез-музиката во Прилеп и Македонија.

– Се создаде публика, не само меѓу повозрасните, туку и младите се запознаваат со џез музиката во Македонија и од регионот. Фестивалот прераснува во препознатлив кој ги промовира Прилеп и Македонија на овој план, вели Ристески.

За селекторот и џез-музичар Владан Дробицки и годинава настапуваат големи музички имиња на џез-музиката, а се создаде и посебна традиција да се отвора со настап на Биг Бенд.

– Мене ми е особена чест што по 6. пат се организира оваа манифестација. Успеавме на компакт-дискот да направиме компилација од, според нас, најдобрите актови на фестивалот. Тука може да се најдат имињата на Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов, Тавитјан и многу други. Се надевам дека ова ќе остане едно сведоштво за идните генерации. Лани отворивме со Биг Бендот на МРТ, годинава со Биг Бендот на Здружението на џез-музичари и, се надеваме дека ќе станеме традиционално сврталиште на Биг Бендови, а в година да имаме странски Биг Бенд. Мартин Ѓаконовски специјално за овој концерт доаѓа од Келн, го имаме тука и еден од најдобрите Хип Хоп музичари во регионов Марчео кој беше номиниран за „MTV Music Awards“. Годинава учествуваат и саксофонист Макс Кочетов и неговиот квартет, и француското трио „Metacronic talking“. Значи многу квалитетни музичари, вели Дробицки.

На фестивалот досега настапиле околу 40 музичари од земјава и странство.

Диригентот на Биг Бендот на Здружението на џез-музичари Џиан Емин, вели дека целта им е да ја промовираат џез културата во Македонија

– Ова е оркестар кој што е составен од млади музичари, но и музичари кои се етаблирани како џез имиња кај нас. Целта на овој состав е да ја промовира џез културата во Македонија. Се претставивме со музика на Битлси која што е аранжирана од американските аранжери Мајк Дитли и Ален Бејлок. Изборот на композицииите го направивме самите и мислам дека им се допадна на публиката. Во овој состав членуваат луѓе кои покрај што свират џез свират и друг вид на музика, но сите нас не поврзува слободата, среќата и простор каде што можеме да се изразиме, бидејќи освен џезот нема друг жанр каде може да кажеме се она што сакаме, вели Емин.

Вечер на програмата се настапите на Џон Илија Апелгрин и Мартин Ѓаконовски Трио, и на белградскиот Хип-Хоп Марчело. Фестивалот пак во сабота на 26 август ќе го затворат украинскиот саксофонист Макс Кочетов и неговиот квартет, а ќе настапат и француското ТРИО „Metacronic talking“.

Коментирај