ВО НЕДЕЛА: „Невестинско поклонение“ во Конопница, кај Крива Паланка

0
2313

Традиционалната културна манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон 2017“, ќе се организира по осми пат во Крива Паланка в недела, 5 март, во црквата „Свети Теодор Тирон“ во село Конопница.

Организаторите истакнаа дека интересот на невестите за учество е голем, а пријавувањето сеуште трае.

– Бројот на пријавени невести кои со своите свекрви ќе се поклонат пред светецот е двоцифрен, а очекуваме до недела таа бројка да се зголеми, па годинава да има и рекорден број учеснички. Интенцијата e да ја поврземе манифестацијата со националните настани од овој тип, затоа поканети се да учествуваат и очекуваме да бидат дел од настанот и невестите од Галичка, Пијанечка и Шопска свадба. Дополнително, ќе направимe напори да имa и учесници надвор од границите на Македoнија, за манифестацијата да добие интернационален предзнак, изјави Стојанче Величковски, координатор на „Поклонение на свети Теодор Тирон“.

Nevestinsko-poklonenie-2017

Манифестацијата се одржува во викендот на верскиот празник Tодорова сабота, под покровителство на локалната самоуправа на општина Крива Паланка. Возобновена е врз основа на вековната традиција од овој крај, а годинава ќе бидат вклучени и млади дечиња кои ќе изведат  подзаборавен ритуал наречен „посипка“.

– Пред невестите да ги примат свечените поклоненички марами, дечињата, облечени во носии, ќе направат своевидно сценарио на посипување на невестите и свекрвите со вода од лејка. Ќе направиме напори тоа да бидат дечиња на невестите од првата манифестација од 2010. Овој чин ќе му претходи на главното поклонение, додаде Величковски.

Nevestinsko-poklonenie-2016

Тој го потенцираше значењето на настанот за жителите од овој крај како манифестација, која ги зачувува обичаите, верувањата и традициите.

Настанот се одржува во црквата „Св. Теодор Тирон“ во Конопница каде овој ден се слави како селска слава. По церемонијата свештенослужителите од Кривопаланечкото архиерејско намесништво ќе одржат водосвет во дворот, а ќе се сече и славски колач за примопредавање на кумството.

Коментирај