ВМРО-ДПМНЕ: Апелираме до ДИК да не подлегнува под никакви притисоци и да не влегува во ничии сценарија за постизборен инженеринг

0
407

ВМРО-ДПМНЕ внимателно и одблиску, со крајна сериозност и загриженост ја следи работата на Државната изборна комисија и најновото одложување на одлучувањето по апсурдните приговори од страна на СДСМ и БЕСА. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш апелира ДИК да не подлегнува под никакви притисоци и да не влегува во ничии сценарија за постизборен инженеринг со кој би се оспорила волјата на 455 000 македонски граѓани со чии гласови ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение го пренесуваме целиот текст интегрално:

Целата домашна и меѓународна јавност беа сведоци дека предвремените избори поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера без ниту еден инцидент. Изборите во неделата јасно ја одразија волјата на мнозинството од македонскиот народ кој се одлучи за излез од кризата и одбра проекти и реформи наместо деструкција.

Државната изборна комисија има една единствена обврска, а тоа е да ја верификува волјата и одлуката на мнозинството граѓани.

Државната изборна комисија не смее да подлегнува на притисоците од страна на сценаристите кои сакаат да спроведат постизборен инженеринг.

Повеќе од очигледен е договорот меѓу СДСМ и БЕСА за извртување, поништување и фалсификување на волјата на мнозинството од македонскиот народ, нешто што кореспондира со вчерашната прес конференција на Зоран Заев и нешто што очигледно не е само негова одлука.

Сосема е јасно дека приговорите се целосно неосновани и дека се пуштени за избирачки места на кои немало никакви забелешки во записниците и места на кои немало никакви нерегуларности. Единствениот критериум по кој се одбирале местата за кои се упатени забелешките е математиката во постизборниот инженеринг која кажува дека со дополнителна трговија со гласови, би можела да биде заобиколена волјата на мнозинството.

Ова е незаконски и за ваквите постапки кривично се одговара. Правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ внимателно и одблиску ја следи ситуацијата.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа седница на која што беше разговарано за актуелната политичка состојба и постојаното одолговлекување на официјализирањето на изборните резултати. Извршниот комитет заклучи дека волјата на граѓаните на предвремените парламентарни избори беше јасно изразена и недозволиво е кој било да си поигрува и да го фалсификува гласот на народот. ВМРО-ДПМНЕ и 25-те партии од Коалицијата за подобра Македонија нема да дозволат изигрување на изборната волја на мнозинството граѓани во Република Македонија.

Коментирај