Владата и официјално ќе ги цензурира традиционалните медиуми и порталите и во етер и на социјалните мрежи

0
254

Објасни дека Владата ќе формира акциска група против дезинформации, која ќе ја координира министерот Роберт Поповски, а одговорен ќе биде посебниот советник за односи со јавност, Марјан Забрчанец

Владата изготви Акциски план за справување со дезинформациите кои, како што изјави денеска премиерот Зоран Заев, стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.

Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и  непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, изјави на денешната прес-конференција премиерот Заев.

Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.

Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме нацоналната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече  Заев.

Тој појасни дека планот ќе биде даден на јавна дискусија и оти до изработката на неговата финална верзија ќе бидат чуени мислењата на сите чинители во општеството. Планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни, а во вториот проактивни мерки.

Тој најави безбедносни и проактивни мерки, воведување безбедносни протоколи за комуникација со институциите, за безбедно комуницирање преку интернет и електронска пошта, зајакнување на внатрешната ИТ-инфраструктура…

Рече дека поради тоа сега и тој користи нов телефонски број со поголема безбедност.

Премиерот истакна дека се работи за нова стратегија за транспарентност, ќе бидат објавени официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани за да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.

Објасни дека Владата ќе формира акциска група против дезинформации, која ќе ја координира министерот Роберт Поповски, а одговорен ќе биде посебниот советник за односи со јавност, Марјан Забрчанец.

Ќе биде спроведувана кампања од јавен интерес за штетното влијание на дезинформациите, а Владата ќе прави и внатрешна кампања за вработените.

Извор:република.мк

Коментирај