Владата носи стратегии против тероризам, а ослободува екстремисти

0
424

Населбите со доминантно албанско население се главни локации на кои што постои насилен екстремизам во земјава, а затворите се извор за радикализација, утврдила Владата во Националните стратегии за борба против тероризам и насилен екстремизам 2018-2022. Стратегиите, заедно со Акциските планови беа усвоени на 57-та седница на Владата одржана на почетокот од март годинава, и всушност не се разликува од претходните. Меѓутоа, интригантно е што и покрај ваквите констатации, сведоци сме на амнестија на криминалци и на  бран поништувања или ослободителни пресуди за ваквите тешки кривични дела, што секако може да се сфати како охрабрување за потенцијалните извршители, пишува порталот Нетпрес.

-Потребата за изготвување на нови Национални стратешки документи е заради потребата да се пренесат активностите во спречувањето на насилниот екстремизам и радикализацијата на полето на превенцијата и да се примени сеопфатен општествен и институционален пристап при справувањето со овие безбедносни феномени, се наведува во заклучокот на владата во споменатиот документ.

Интересно е што во скопските населби Чаир, Серава и Гази Баба, како и во Тетово, кои се со доминантно албанско население се посочени како главни локации каде што постои насилен екстремизам, градоначалници се од владејачката ДУИ.

И Гостивар е посочен како ваква локација, каде градоначалник беше Невзат Бејта, еден од функционерите од ДУИ, чии телефонски разговори со обвинетите во „Монструм“ се во „бомбите“ на Зоран Заев, а во еден транскрипт презентиран на родителите на убиените деца, обвинетиот Фејзи Азири му се жали на Бејта дека имал кошмари по петкратното убиство. И тој беше ослободен од министерот за правда од издржување на затворска казна за друго дело, па мораше да биде уапсен откако јавноста дозна дека не се вратил во затвор.

-Не поседувам информации дека на територијата на општина Гостивар постојат такви групи екстремисти и терористи. Доколку добиеме официјални информации од владини органи за постоење такви групации, нормално ќе бидеме подготвени да помогнеме на акциите на владата против ваквите феномени, одговори за НетПресс, гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.

Исто така, интересно е што при посочувањата на мнозинските албански средини не се лоцираат проблемите кои се причина за ваквите појави, ниту каква е активноста на локалните власти, коалициони партнери во владата прдводена до СДСМ, во сузбивањето на ваквите појави.

-Република Македонија се соочува со процес на радикализација во затворите. Ова особено важи за популацијата на млади мажи, на возраст од 18-24 години, кои додека се во затвор, може да се радикализираат од страна на групи и влијателни авторитети, националисти, верски идеолози и други. Во активностите на Управата за извршување на санкции се планира обука на затворскиот пероснал за да можат да ги превенираат и заштитат осудените лица од влијанието на радикализмот и директно да се справат со затвореници кои се радикализирани и кои може да претставуваат опасност за себе или за другите затвореници, пишува во Стратегијата.

Македонија кога ја промовираше Стратегијата за борба против тероризам 2011-2015, именуваше Национален координатор за борба против тероризмот и донесе измени во Кривичниот закон кои се однесуваат на учество во странска војска, паравојска, полиција, параполиција и во други видови вооружени групи.

Како резултат на тоа беа изведени двете акции „Ќелија“ во која беше уапсен имамот Реџеп Мемиши, кој регрутирал борци за Сирија и Ирак. Тој е осуден и ја издржува затворската казна. Иако затворите се посочуваат како место за радикализација, нејасно е зошто се удоволува на молбата на Мемиши од затворот во Штип да се премести во затворот „Идризово“, каде има огромен број на потенцијални радикали, а од каде и првично од безбедносни причини е пренесен на издржување на казна во штипскиот затвор.

-Според информации од 2016 година, 110 борци од Македонија заминале во Сирија, од кои 25 биле убиени во Сирија, а 86 се вратиле во земјава. Првичните теории околу мотивите за приклучување кон ИД се базираа на финансиски проблеми, но ваквите претпоставки брзо пропаднаа. Имајки ги предвид досегашните анализи, и домашни и странски, во редовите на ИД се приклучиле и едуцирани и помалку едуцирани, како и подобро или полошо ситуирани лица, а тоа води до заклучокот дека не може да се говори за типичен терорист.

Иако засега нема конкретни официјални најави, симптоматично е барањето на одредени групи за ослободување на осудените за убиството на полицајците кај ПМФ. Еден од обвинетите на доживотен затвор е Алмир Дрпљанин, кој освен за ова дело е осуден и осомничен за серија крвави грабежи во Скопје.

Според извори во безбедносните служби, тој е класичен пример како ситен криминалец се радикализирал и станал насилен екстремист. На него најмногу влијаел радикалот Шукри Алија, идеолог на масакрот кај Смилковци под чие влијание биле осудените, сега обвинети во случајот „Монструм“. И двајцата беа упасени во Косово и екстрадирани во Македонија. Токму Дрпљанин се криел во Урошевац кај Алија, а откако имамот беше уапсен, тој ја презел одговорноста на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, двајцата крвници од Смилковци.

-Главните причини за загриженост потекнуваат од се’ повеќе видливите врски меѓу некогаш одделните закани од криминалитет, насилство и тероризам (вклучувајќи нарко тероризам, незаконско финансирање, илегална трговија со оружје и луѓе, итн.),  стои во Стратегијата.

За потсетување, пред десет дена Кривичниот суд во Скопје донесе втора ослободителна пресуда за Лирим Динарица, Емрула Емрулаи, Рамиз Асани, Муча Бајрами, обвинети во случајот на тројцата убиени полицајци Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и Ерол Готак, на влезот во Арачиново во јануари 2000 година. Од натамошен прогон во меѓувреме беа ослободени и обвинетите, сега веќе починати, Башким Асани и Агим Асани. Процесот за убиството на тројцата полицајци траеше 18 години.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во март се откажа од обвинителниот акт за случајот „Сопот“, бидејќи според деталните анализи што ги направило ова Обвинителство не постоеле докази дека обвинетите го сториле делото за кое се товарат.  Судот одлучи да ги ослободи и да го одбие обвинението и обвинетите ги упати да бараат отштета. Случајот „Сопот“, пак, е од 2003 години, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево – Сопот. Во овој случај десет лица беа осудени за тероризам.

Иако има пресуди за случајот „Диво насеље“ се бараат причини и овде обвинетите да бидат ослободени или да се преквалификува делото, како и да се вклучи меѓународен фактор во истрага за случај кој веќе е завршен.

-Националниот координатор кој е и висок функционер на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Премиерот, како потписници на Националната стратегија за борба протов насилен екстремизам признаваат дека „Косово е слаба држава која ни извезува екстремизам, Полицијата е осакатена да реагира против криминалните групи од Косово бидејќи влегуваат и излегуваат од Македонија кога сакаат и каде сакаат.

Извор:Курир

 

Коментирај