Владата му предложи на Уставниот суд да го отфрли барањето на Митко Чавков за оценување на уставноста на Законот за амнестија

0
450

Владата ја разгледала иницијативата од Митко Чавков од Скопје, доставена до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија и му предлага на Уставниот суд да го отфрли барањето за оценување на уставноста на Законот за амнестија.

Со иницијативата се оспоруваат членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија. Имено,  подносителот на Иницијативата, во конкретниот случај, смета дека „одредбите за ограничување на важењето на Законот за амнестија за одредени кривични дела и определени лица имплементирани во член 1 од цитираниот закон, се во спротивност со Уставот на Република Македонија, пред се, со член 9 од истиот“.

Исто така, Чавков укажува дека ограничувањето на важењето на Законот за амнестија во член 1 од цитираниот Закон, каде е набележано дека амнестијата важи за кривични дела поврзани со настаните од Собранието на Република  Македонија од 27 април 2017 година и нивните сторители, а не се однесува за лицата и кривичните дела наведени во член 1 став 3 од истиот Закон, што според истиот укажува дека овој член е во спротивност со член 9 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, подносителот на Иницијативата истакнува дека според член 9 од Уставот на Република  Македонија, сите граѓани на Република  Македонија, вклучително и лицата кои се осудени со пресуди на надлежни судови, за кривичните дела за кои амнестијата не важи, а цитирани во член 1 став 3 од Законот за амнестија, се нееднакви со другите граѓани воопшто, а пред се, со другите граѓани сторители на кривични дела, за кои важи амнестијата.

Како што истакнува подносителот „ова доведува до тоа да овој член 1 од Законот за амнестија е во целост во спротивност со член 9 од Уставот на Република  Македонија.“

Исто така, подносителот на Иницијативата смета дека „ваквата судска амнестија“ е неуставна и незаконска од причина што амнестијата е чин на простување, односно милост од државата, против сторители на кривични дела да не се покренува кривично гонење, или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена.

Истиот истакнува „дека во конкретниот случај судот одлучувал во текот на траењето на судската постапка, а по претходно прибавено мислење од јавниот обвинител, на кого од обвинетите ќе им го уважи барањето за амнестија, што е сосема неуставно и незаконски“.

Уште повеќе, во текот на судската постапка за настаните од 27 април 2017 година, од повеќе обвинети лица, амнестија добија само 20 обвинети лица и тоа по самостојна оцена на судот, а по претходно прибавено мислење од јавниот обвинител, што е целосно неуставно, незаконски и дискриминирачки – пишува во инцијативата.

Според Владата, со оспорените член 1 и член 2 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија” не се повредени одредбите од Уставот на Република Македонија, поради што Владата на Република Македонија му предлага
на Уставниот суд на Република Македонија да не ја прифати Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста од членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија.

За овој предлог на владата побаравме став од Зорица Чавкова, ќерка на Митко Чавков која за „Република“ изјави дека нема да го коментира предлогот на владата, но се надева дека и останантие ќе се приклучат кон оваа иницијатива, оние кои биле заобиколени од овој закон.

Извор:република.мк

Коментирај