Влада на Британија: На Шкотите не им треба нов референдум

0
541

Заканите за нов референдум за независност на Шкотска создадоа непотребна неизвесност и поделби, изјави денеска портпаролот на британската Влада, одговарајќи на прашања на медиумите кои јавија дека шкотските националисти подготвуваат нов референдум.

– Прашањето не е – може ли да се одржи втор референдум, туку дали треба да се одржи, а едноставен одговор на тоа е – не, изјави портпаролот.

Тој додаде дека заканите за референдум создале непотребна неизвесност и поделби. Според него, по одлуката за останување во Велика Британија во 2014 година, „сега сите докази покажуваат дека народот во Шкотска не сака нов референдум“.

Реакцијата на Дауниг стрит 10 уследи по текстот во лондонски „Тајмс“ во кој се тврди дека Владата во Лондон стравува од покренување постапка за нов референдум за независност во Шкотска, што би можело да се случи паралелно со покренувањето на членот 50 од Договорот од Лисабон и со формалното започнување на постапката за Брегзит.

Шкотската прва министерка Никола Старџен и нејзината владејачка Шкотска национална партија (СНП) повеќепати досега најавуваа дека „северно од Адријановиот ѕид“, природната граница меѓу Шкотска и Англија, може повторно да се гласа за идниот шкотски статус, доколку британските власти „не ја почитуваат волјата на Шкотланѓаните“.

Станува збор за незадоволството во Шкотска, по референдумот за ЕУ од 23 јуни минатата година, кога мнозинството од британските гласачи се определија за Брегзит, но големо мнозинство Шкотланѓани гласаа за останување на Обединетото Кралство во ЕУ.

Веднаш потоа, Старџен побара од владата во Лондон да бидат консултирани Шкотска и другите два дела од Велика Британија, Велс и Северна Ирска, околу целиот процес на Брегзит, барајќи посебен статус за деловите кои се против британското напуштуањњ на Унијата по 43 години членство.

Владата во Единбург, во исто време, покрена и правна постапка за испитување на модалитетите за тоа како може Шкотска да воспостави специјални врски со Брисел или пак да остане дел од заедничкиот европски пазар, без разлика што другиот дел од државата би се повлекол од сите европски интергации.

Досега владата на Тереза Меј се оглушуваше на барањата на Единбург, најавувајќи само дека консултации ќе има со сите делови на Велика Британија, но дека не може да се обезбеди посебно решение за шкотските барања.

По референдумот од пред седум месеци, Меј се сретна неколкупати со Старџен, но Лондон ги отфрла сите најави за нов референдум за независност, оквалификувајќи ги како „сосема нереални“.

Тврдењето на „Тајмс“ е прво навестување дека Даунинг стрит 10 стравува од идните потези на Старџен и на нејзнината партија, која не се откажува од плановите за независност на Шкотска.

Стравувањето доаѓа по јавно изразеното предупредување од некои европски политичари дека доколку Велика Британија „игра валкано“ пред и за време преговорите за истапување од ЕУ, служејќи се со политиката – раздели па вледеј – тогаш ќе се соочи со слично однесување и од Унијата во Шкотска и во Северна Ирска, каде мнозинството гласачи се за останување во блокот.

Првиот референдум за независност на Шкотска беше организиран во септември 2014 година и на него 55 отсто од Шкотланѓаните се определија за останување во Велика Британија.

Меј сега би можела да го отфрли повикот за втор ваков референдум, но според „Тајмс“ во таков случај ќе се соочи со уставна криза во земјата.

Коментирај