ВИДЕО: Рашковски најави кривични пријави против повеќе лица и портали за случајот со М-НАВ

0
53

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски најави дека утре ќе поднесе кривична пријава за неовластено снимање против Климент Чепуњовски, како и тужби за клевета и навреди против Иванка Василевска, Горан Момировски, Миленко Неделковски, Љупчо Златев, а исто така најави дека арбитражна постапка ќе биде поднесена и против порталите „Курир“, „Инфомакс“ и „Лидер“.

Рашковски, кој на прес-конференција ги објаснува деталите околу случајот во М-НАВ што произлезе по објавен разговор, им се извини на сите држави и националности што се нашле повредени во објавениот разговор.

Според него, е несериозно да се објави дел од разговорот кој, како што рече, траел околу еден час.

Договорот за избор на италијанската фирма „Леонардо“, како што посочи Рашковски, била потпишана од страна на менаџментот поставен од минатата власт.

– За случајот со радарите кои останале без сигнал во септември е разговарано на затворена владина седница, но информациите се класифицирани бидејќи станува збор за доказна постапка во Обвинителството. По носење на одлуките од страна на Обвинителството, информациите ќе бидат јавни, изјави Рашкковски на прес-конференцијата во Владата.

Прашан зошто инцидентот се случил во септември, а Владата за ова разговарала минатата недела, Рашковски појасни дека за ова било разговарано на првата владина седница по добивањето на извештајот за овој случај од страна на Комитетот за воздухопловни несреќи.

Рашковски рече дека не планира да си даде оставка на функцијата по случајот за М-НАВ кој беше обелоденет по објавена снимка во која се слуша неговиот глас и на уште двајца државни функционери, за наводно местење тендер за италијанска фирма.

– Ова е верзија на разговорот. Кога ќе стигне официјална пресуда од страна на судските органи, во кривичната постапка тогаш да седнеме и повторно да разговараме, рече Рашковски, одговарајќи на новинарско прашање дали има намера да поднесе оставка по објавениот разговор.

Изнесувајќи детали од случајот со набавката на АТМ системот за контролата за летање финансиран од страна на Европската банка за обнова и развој, Рашковски информира дека договорот за избор на италијанската фирма бил направен уште во 2017 година од страна на Живко Поповски, татко на поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски.

Рашковски информира дека е разрешен поранешниот директор на техника во М-НАВ Климент Чепуњовски поради одредени пропусти во работењето и загрозување на безбедноста на македонското небо.

– Причината поради која е сменет Чепуњовски е дека постоеле одредени пропусти, но јавноста може да биде смирена бидејќи сите тие пропусти се надминати, рече Рашковски.

Извор: Денешен.мк / Видео: Влада на Република Македонија (Јутјуб)

Коментирај