ВИДЕО: Мицкоски го повика народот на протест на 2 јуни и ја фрли ракавицата „Ајде Заев на ТВ дуел“

0
2001

Вечерва се одржа седница на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, после која претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за што било разговарано, кажа дека се приближува една година од владеењето на СДСМ, односно од владата која што ја предводи СДСМ во коалиција со ДУИ, за што ќе биде организиран огромен народен протест против погубните политики.

– Гледаме дека поминува една година со неисполнети очекувања, нереализирани ветувања, економијата комплетно е разурната. Гледаме дека нема реформи ниту во образованието ниту во здравството, ниту во социјалата, апсолутно празни политички памфлети. Една година на големи разочарувања во Република Македонија и логично е да ВМРО-ДПМНЕ како одговорна, државотворна, сериозна партија, отвори внатре партиска дебата за тоа што и се случуваше на Република Македонија во изминатите скоро една година, Влада на СДСМ. Но, истовремено да понуди еден гантограм на активности кој што ќе следува во периодот понатаму, изјави Мицкоски.

Тој кажа дека вчера на седницата на Извршниот Комитет и денеска на седницата на Централниот Комитет ја разгледувале актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија, ги разгледувавме актуелните теми кои што живот значат за граѓаните во Република Македонија.

-Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе започне со организирање на еден огромен народен протест кој што ќе се случи на 2-ри јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите оние добронамерници сите оние обесправени, сите оние разочарани, сите оние излажани од страна на Зоран Заев и политичарите околу Зоран Заев. Ги поканувам да ни се придружат да застанат рамо до рамо со нас, да тргнеме во офанзива, да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада која што и се случува на нашата татковина, изјави Мицкоски.

Тој на прашање дали ќе биде само еден протест или ќе следуваат серија протести, кажа дека сега за сега пред јавноста ќе го откријат само овој податок дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата организираат протестен собир на 2-ри јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија, изјави Мицкоски.

Мицкоски одговори и на новинарско прашање зошто се доцни еден месец, ако се знае дека протестот беше најавен во мај.

– Да, ги антиципиравме сите можни датуми во месец мај. Имавме сериозна дискусија околу термините кога би се одржал овој протестен митинг. Знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е во фаза на реорганизација и реструктуирање, повеќе од 40 Општински комитети имаа нова или е потврдена старата структура во Општински комитет на ниво на претседател и членови на Општинскиот комитет. Како можен датум го разгледувавме 26 или 27 мај, но имајќи предвид дека тој е споен викенд, бидејќи 24 е државен празник, имајќи предвид дека е Задушница, сакавме да ја започнеме нашата кампања, односно да го започнеме поразот на оваа ненародна влада на еден чист ден и затоа го поместивме за еден викенд понатаму и одлучивме тоа да биде 2-ри јуни. Иако сме ние математички прецизни секогаш, понекогаш ни се случува да направиме ваква незначителна грешка, изјави Мицкоски.

Мицкоски ја фрли ракавицата: Наместо на тет-а-тет средба, Заев ајде на ТВ дуел да збориме за името, но и за твоето катастрофално владеење

Одговори на новинарски прашања на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој беше прашан околу поканата која ја доби премиерот Заев за тет-а-тет средба и кажа дека биле прилично јасни во нивниот став и кажале дека вака сериозни прашања одговорни политичари, државници кои што и мислат добро на својата татковина, кога станува збор за едно вака сериозно прашање е логично да отворат фронт на консултација со што е можно поголем број на целни групи.

– Една таква целна група е и ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија но и сите политички партии што се парламентарни, бидејќи е логично да тие партии одлучуваат понатаму за некаков евентуален, хипотетички договор помеѓу Република Македонија и нашиот јужен сосед. Цениме и сигурни сме дека лидерска средба во присуство на Претседателот на државата ќе биде од огромно значење и можеше да биде и поддршка во целокупниот овој процес за надминување на проблемите околу нашето уставно име што го има нашиот јужен сосед, и ценам дека одбивањето е чин на голема неодговорност, покажување на пркос, на лажни основи, покажување на непочит кон Македонскиот народ, непочит на оние луѓе кои што ги гласале тие политичари, без разлика дали станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, другите парламентарни партии, Претседателот на државата, но и непочит кон сите останати институции во оваа држава, од кои што може да се научи како што е МАНУ, универзитетски професори, уметници итн.

Тој додаде дека Прашањето се банализираше на прашање дали има претседателот на влада и Заев време да ме прими мене на тет а тет средба или нема.

-Како човек како претседател на најголемата опозициона партија и најорганизираната политичка сила во Република Македонија ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја искористам оваа прилика еве и да му одговорам на претседателот на владата на неговата покана на тет а тет средба. Истата можам да ја прифатам, но наместо во неговиот удобен кабинет да го повикам на телевизија да можеме да се соочиме на една тет а тет средба пред граѓаните на Република Македонија. Да дискутираме за ова прашање да може он да ги информира граѓаните Република Македонија, како преговара за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики кои што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која што така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто, изјави Мицкоски.

Мицкоски беше запрашан и дали е поканет на лидерската средба која се најавува.

-Не, не сум поканет. Утре патувам во Софија имаме Самит на Европската народна партија, веќе се потврдени неколку средби, ќе биде јавноста навремено информирана за тие средби и за содржината на разговорите кои ќе се водат на тие средби. Така што, до овој момент нема никаква информација за евентуална лидерска средба во петок. Јас како што знам во петок во Охрид сум поканет во 7 ипол часот на завршна вечера која што е дел од процесот така наречен Жан Моне кој што ќе се случува во Охрид, на наше инсистирање, за време на посетите во Брисел, но и посетите на евро- тројката во Република Македонија, така што не знам зошто во јавноста проструи таква дезинформација, но имајќи во предвид од кои кругови доаѓа и е за очекување на една таква дезинформација. Не станува збор ако мислите на тој настан за евентуална лидерска средба, напротив станува збор за една завршна вечера на која што ќе присуствувам, која што ќе биде во времетраење претпоставувам не подолго од еден час и каде што повеќе или помалку ќе дискутираме за формални работи, а не за суштински, изјави Мицкоски.

Коментирај