ВИДЕО: Дероузан го надмина дури и Винс Картер

0
341

Демар Дероузан го надмина дури и Винс Картер успевајќи да постави нов рекорд на франшизата по број на поени на еден натпревар, во синоќешната победа на Торонто над Милвоки со 131-127.

Бекот постигна дури 52 поени со што стана најефикасниот кој некогаш играл за Торонто. Само уште двајца имаат 50+ поени во дресот на Репторс, Винс Картер и Теренс Рос, двајцата по 51 поен.

Минатата ноќ секој кош беше исклучително важен, бидејќи Торонто славеше над Милвоки по продолжение. Токму Дероузан имаше мирна рака на 37 секунди до крајот, да погоди две слободни фрлања за 114-114. Никој до крајот не успеа да реализира, па мечот замина во продолжение, во кое Торонто го презеде водството некаде по две минути игра и до крајот стабилно го држеше.

Покрај 52 поена, Дероузан додаде и осум асистенции и пет скока, а голема поддршка имаше од Кајл Лаури со 26 поени и по шест скока и асистенции. Кај Милвоки толку постигна Јанис Адетокумбо, а Ерик Бледсо броеше до 29.

Од програмата со четири меча уште еден заврши во продолжение, во Чикаго, но овде се радуваа гостите од Портланд, со 124-120. Си-Џеј Мекалум го пополни отсуството на Демијан Лилард со 32 поена, а му помогнаа Тарнер и Амини со 22, односно 24.

Бруклин го изненади Орландо со 98-95, а Минесота беше убедлива против ЛА Лејкерс со 114-96.

Коментирај