ВЕЧЕРВА И УТРЕ СЕ ОДЛУЧУВА: Само две третини од членовите на ЦК можат да го одложат Конресот на ВМРО-ДПМНЕ

0
1254

Неколку опции стојат пред ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на сега веќе неизвесниот Конгрес закажан за викендов.

Иницијативата на дел од партиското членство за одложување на Конгресот вечерва ќе биде ставена на разгледување пред Извршниот комитет на партијата кој од претходно имаше закажано седница. Сепак, конечната одлука ќе ја донесе Централниот комитет на партијата чиј состанок ќе се одржи утре.

Доколку Централниот комитет реши да го отфрли овој предлог и остане на претходно донесениот став за одржување на Конгресот тогаш очекувањата се дека во сабота би можело да има гласање за нов лидер.

За тоа да се случи, потребно е на Конгресот да присуствуваат две третини од вкупниот број на делегати, или да бидат пополнети најмалку 363 делегатски столчиња.

Но тоа не е гаранција дека ќе се избере нов лидер. Согласно партискиот Статут, Претседател на партијата ќе стане оној кој добил над половина гласови од вкупниот број на делегати, или ако за него гласале 273 делегати. Ако ниту еден кандидат не ја достигне оваа бројка ќе се оди на втор круг, каде ќе се избира меѓу двајцата со најголема доверба во првиот круг. Претседател ќе стане оној кој ќе добие повеќе гласови но само ако во гласањето учествувале 273 делегати.

Во спротивно целата постапка почнува од почеток.

Покрај оваа опција, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ може да донесе и одлука за одложување на Конгресот и да го прифати барањето на групата од 30 партиски членови и функционери. За тоа да се случи, потребно е две третини од Централниот комитет да ја поддржат иницијативата за одложување на Конгресот односно некаде околу девеесетина гласа во Централниот комитет кој брои околу 135 члена
Партиски извори за Press24 велат дека до овој момент Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ не е закажан. Според истите, можно е тој вечерва воопшто и да не се одржи и утре директно да се оди на седница на Централниот комитет.

До овој момент во партиската архива нема пристигнато ниту една официјална кандидатура за лидер.

Извор: Press24.mk

Коментирај