Ванковска: Според Уставот, за одлука за стапување во сојуз или заедница треба 900.000 гласа „ЗА“

0
182

Уставот на Република Македонија не предвидува консултативен референдум за прашања од надлежност на Собранието, реагира професорката Билјана Ванковска по вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека референдумот за промена на името и членството во ЕУ и НАТО ќе биде консултативен.

Во изјава за ТВ Алфа, Ванковска вели дека ако во референдумското прашање се споменува НАТО и ЕУ, тогаш автоматски станува збор за задолжителен (по сила на Устав) и дополнителен, а не претходен референдум (како што тие велат, пред промена на Уставот!).

Заев вчера изјави дека референдумското прашање би можело да гласи и вака: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?

– Цензусот е ист и за консултативен и за задолжителен референдум, и изнесува 50%+1 од бирачкото тело. Во контекст на референдум за влез во НАТО и ЕУ се менува потребното мнозинство за да биде успешен референдумот: од релативно, станува апсолутно, односно потребно е 900.000 гласови да бидат „ЗА” (одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.) Во моментов Собранието не може да распише референдум за договорот меѓу Атина и Скопје затоа што тој не е стапен во сила, е непостоечки! Ако го објават без потпис на претседателот, тоа ќе биде само врз основа на извршено кривично дело (од директорот на Службен весник). Како и да постапат, ќе има работа за Јавното обвинителство, Уставниот суд, но и за целата јавност, особено експертската – вели Ванковска.

Според член 120 од Уставот на Република Македонија „предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“.

Коментирај