Ванковска: Колку подолго трае оваа агонија, толку повеќе како да го губиме компасот, и морален и политички

0
276

Колку подолго трае оваа агонија, толку повеќе како да го губиме компасот, и морален и политички.

Отпорот кон ова насилство кое се врши над нацијата, со криминална промена на устав, со целосна корупција на политиката, надворешни геополитички комбинаторики и слично мора да се заснова на она каде што нашиот случај е најсилен, а тоа се човековите права, меѓународните стандарди и моралот. На таа основа можеме да се здружиме сите без оглед на идеолошките и други разлики.

Но, погубно е, па и самодеструктивно кога како граѓани во една оправдана и правична битка на крајот завршуваме како заложници на разни теории на заговор, тези за декаденцијата на Западот, педофилија, наметнување на инакви сексуални слободи, итн. За само неколку дена видов серија примери на луѓе кои мислат за себе дека се добри Македонци кога, на пример, постираат фотошопирани слики од Папата (кој е претставен како разулавен развратник), а кој е еден од најнапредните лидери на Католичкиот свет во целата негова историја. Втората небулозна теза е дека сето ова Западот ни го прави за да ни наметне неморал, педофилија и геј бракови, приказни за депопулизација на светот, контрола на населението, итн. Вчера влегов во една таква дискусија и останав осамена меѓу луѓе кои ми го „докажуваа“ ѓаволскиот лик на Западот, кој ете не’ силува за да ги наметне неговите декадентни стандарди.

Да се разбереме! Западот е гнил, ама не во таа смисла! Тие примери кои ги издвојува и од кои се ужаснува конзервативниот македонски ум не се суштината, туку нус-продуктот на општиот колапс на вредностите како слобода, еднаквост и солидарност. Не дека не постојат (на пример, стогодишната тајна во шифоњерот на Католичката црква во врска со сексуалните злоупотреби, особено на децата), но овде станува збор за нешто што не’ засега ЗАЕДНО и нас и граѓаните од Западот и светот. Си имаме работа со капитализам кој е разулавен, милитантен, дехуманизиран, безмислосен – ама првенствено во поглед на социјалната правда, еднаквоста и респектот за човечкото достоинство.

Јас не сакам Македонија да стане колонија на геополитичките моќници (ни од Запад ни од Исток) кои ќе не’ контролираат со помош на домашната полициска држава. Но, подеднакво катастрофално ќе биде ако оваа битка ја вратиме во некој темен среден век, па палиме вештерки и прогонуваме лица со инаква сексуална ориентација. За луѓето кои се палат на вакви искривоколчени тези, веројатно и јас сум вештерка: атеист, левичар/комуњара, верувам во слобода на сексуална ориентација, поддржувам геј бракови (иако мислам дека бракот е одамна надмината институција и таа битка е по малку демоде, но нека им биде ако толку сакаат), немам против легализација на марихуана, додадете што сакате…

И конечно, кога ќе видам црни бајраци, шовинистички песни, Христијански братства со ликови кои ни малку не наликуваат на оној во кој наводно се крстат, ми се темни!

Битката за Македонија е (и) битка за човекова слобода, право на избор на сопствената среќа, слобода да се биде различен, слобода да се биде наспроти мнозинскиот став. Ако ова го жртвуваме во текот на оваа битка, сме изгубиле се’! Во оваа битка нам ни требаат сојузници токму од Западот, затоа што и таму обичниот човек е колатерална жртва на системот кој забегал (без оглед што можеби дозволува некакви пошироки слободи и се ослободил од патријархалниот модел). Нам ни се сојузници и обичните грчки граѓани, и сите други од Балканот.

Конечно, јас не верувам во она од што овде мнозина уплав имаат и приказни прават за плашење народ, не верувам во АГЕНДИ! Точно е дека центрите на моќ знаат што прават и повлекуваат соодветни потези, но ние не сме немоќни пиуни. Судбината зависи и од нас, а не само од нив. Ама ако одбираме судбина на среден век, тогаш не сме сојузници.

Пишува: Проф. д-р Билјана Ванковска на Фејсбук

Коментирај