Ваква „ЗАБАВА И РЕМОНТ” каква што е операцијата „Метла“, одамна не сме виделе

0
403

Приказната за бомбите, легендите за рекетот со нив и шпекулациите за меѓусебни уцени на актерите на тој опасен занает, привремено исчезнаа од фокусот на јавноста. Не знам дали е тоа добро, но знам дека е природно и сообразно со нашата пословична површност со која се менаџираат и најделикатните процеси – ако јавноста најде нова забава, проблемите се заметуваат под тепих и се мисли дека работата е завршена – пишува Бранко Героски во својата најнова колумна.

Понатаму стои:

А и право да си кажеме, ваква забава, каква што е операцијата „Метла“, одамна не сме виделе. Не само ние. Ваква изведба на ремонт и обнова на една прилично оштетена партиска машина е иновација во секој поглед, нешто што не се случило во поновата политичка историја.

Па сета онаа театралност, сето она глумење верност кон партијата, кон лидерот и кон каузата, она мачно развлекување на загрижените лица во извежбани насмевки што треба да демонстрираат сигурност и смиреност, додека во бекстејџот луѓе очи си вадат, се оговараат, кукумјавчат…

Признавам, комендија ли е, трагедија ли е, или просто некаква политичка верзија на МОТ (млад отворен театар), ова е еден фасцинантен перформанс.

Мислам дека и некрунисаните кралеви на нашиот бомбашки рекет го исчекуваат исходот од ова спектакуларно тресење на гората. Откако ќе видат што ќе се роди, ќе си ги подесат нишанските справи (зошто да трошат муниција за џабе?), ќе ги нарамат торбите и пак ќе тргнат во акција. Според шпекулациите кои допираат до мене, чинам дека тоа ќе биде неизбежно. Зашто, ако се точни моите информации, фриковите што располагаат со тој опасен токсичен материјал и го (зло)употребуваат, во моментов водат и меѓусебна борба за превласт во рекетот, при што се служат и со опасни меѓусебни уцени.

Таа кавга засега се води тивко, но сепак на прилично простачко ниво. Јас имам бомби за тебе. Не, јас имам бомби за тебе. Не не, јас имам бомби за вас двајцата. Итн. И нормално, информациите за тие бомбашки самити во четири очи некако протекуваат во кулоарите. Да се има малку ум и стил, би личело тука да се втисне некаква поштена мафијашка естетика во таа драмолетка. Би се организирал некаков бомбашки пленум за помирување, да речеме, како онаа епска сцена на помирување во филмот „Кум“, во која брилјира Марлон Брандо.

Нашите некрунисани кралеви на бомбашкиот рекет, како што се зборува, се истакнати фаци – од разузнавачката заедница, од медиумите, од правосудството и од светот на политиката. Сѐ истакнат до истакнат. Ама, можеби со еден единствен исклучок, сите тие се играчи од мал формат, неспособни сериозно да ја водат играта што ја започнале. Во отсуство на „стечаен управник“ на Македонија и без дозвола да си играат со оган. Затоа, на крајот, ќе изгорат – или тие, или тој што носи најголема објективна одговорност да го запре тоа лудило.
Нејсе, сето тоа ми е јасно, а богами јасно им е и на сите што се многу поупатени од мене во таа работа. Да, но како се снимаат новите бомби? Кој снима? Таксисти? Келнери? Или, сепак, кралевите се снимаат меѓу себе?

Како може тоа да се изведе?
Упатени луѓе ми велат – многу едноставно. Можам ли, прашувам, јас да снимам, со мојот кинески часовник за 1.299 денари, што го купив по интернет, поузеќем, откако видов дека го лајкнала и Катица Јанева, што би требало да е некаква гаранција за квалитет? Не, со таков часовник не можам да снимам (можам само да нуркам до 30 метри длабочина), но има часовници кои тоа можат да го направат. Денес има микрокамери, бубачки и разни други гаџети кои на секој злонамерник му овозможуваат да снима секого. Неовластено, се разбира.
Не е проблемот да се сними, проблемот е што ќе се прави со снимката. Тука заглавуваат нашите некрунисани кралеви на бомбашкиот рекет.

Целот текст на Плусинфо

Извор:Република

Коментирај