УЖАСОТ ПРОДОЛЖУВА: Уште две малолетнички од „25 Мај“ се бремени, едната инсистира да го роди бебето

0
650

Уште две малолетни девојчиња од Домот за згрижување деца „25 Мај“ се трудни. Едното ја прекинало бременоста, но второто не сака да абортира и инсистира да го роди бебето, објави „Независен весник“.

Засега уште не е официјално потврдено дали и овие две малолетнички биле злоупотребувани, како што беше случајот со сексуалното малтретирање на 13-годишното девојче кое ја дигна јавноста на нозе.

Од ниту една институција не информираа дека има и други трудни малолетни девојчиња од истиот дом во кој беше сместена и 13-годишната Р.И. која абортираше пред неколку дена, а за која постојат сомневања дека била жртва на трговија со луѓе.

Стевчо Соколовски, директорот на установата каде што се згрижени деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение, вчера поднесе оставка од морални причини. Од Основното јавно обвинителство и натаму молчат и не одговараат зошто досега не презеле никакво дејствие за да ги санкционираат насилниците, кога уредно ги добивале кривичните пријави од полицијата.

Но, на ужасите во „25 Мај“ како да им нема крај. Вознемирувачките информации од таму говорат за тотално потфрлање на институциите, кои место да се грижат за децата што, или немаат родители или доаѓаат од дисфункционални семејства, се препуштени сами на себе, а сами, слаби и незаштитени се лесна мета за насилниците, криминалците и бездомниците.

Коментирај