Уставен суд ќе одлучува по иницијативите за одлуката за референдумот

0
396

Уставниот суд на денешната седница треба да одлучува за уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.

До Уставниот суд поднесени се иницијативи од политичката партија „Левица“ и од Светскиот македонски конгрес. Подносителите сметаат дека одлука за референдумот не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија. Тие бараат Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум, а доколку одлуката ја донесе по референдумот, тогаш да ги поништи резултатите.

Иницијативата за оспорување на одлуката за распишување на референдум, според поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, е обид за уривање на државата. Во изјава за МИА, тој вели дека Судот формално-правно има на располагање три можности.

Трендафил Ивановски

Првата можност е да ја отфрли иницијативата, ценејќи дека прашањето не е такво за Уставниот суд да постапува. Втората може да биде Судот да ја одбие, односно да не поведе постапка кога веќе ја ставил во фаза на одлучување, и третата, може да одлучи да поведе постапка отпосле, да оди и на соодветно укинување или поништување.

Од друга страна, како што вели, стравува дека со поставувањето воопшто на самото прашање за разгледување пред Уставниот суд, имајќи го предвид досегашното искуство од работата на овој судски состав, се оди токму на рушење на темелите на државата.

– Рушењето на тој референдум би значело рушење на тие темели и на опстанокот на државата, истакна Ивановски.

Според него, Уставниот суд со своето политиканство внатре и политичките влијанија во еден период од своето делување, кога беше – „прочуената аболиција“ кога се заговараше претседателот на државата да донесе таков противуставен акт, па потоа самиот претседател ја повлече, покажува дека има таква можност, односно манифестирање во практиката на една појава на рушење на самиот поредок.

– Да се надеваме дека сепак ќе преовлада разумот кај членовите на Уставниот суд, вели Ивановски.

Референдум 2018

Во тој контекст појаснува дека тоа би значело имајќи го предвид карактерот на прашањето за кое се однесува севкупната активност во државата што се спроведува последнава година, дека се бара некакво влакно во јајцето, односно се бараат формалните причини.

– Овие формални причини во конкретниот случај можат да го отстапат местото на суштината на содржината. Таа содржина се темелните принципи на Уставот, таа содржина е волјата на народот, во конкретниот случај каде после 20-ина години претстои  да се реши еден спор, сигурно со свои потешкотии и со свои недоследности, но сепак треба да се гледа суштината, а не формата, вели Ивановски за МИА. 

За иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на одлуката за референдум вчера се произнесе и шефот на дипломатија Никола Димитров на прес-конференцијата со неговиот германски колега Хајко Мас. Според него, голема е одговорноста во овој момент, кое било тело, дури и Уставниот суд, клучот на одлучување да го земе од рацете на граѓаните.

Премиерот Зоран Заев, пак, во врска со постапувањето на Уставниот суд за одлуката за распишување референдум пред извесно време рече дека, според него, сѐ е во согласност со Уставот, но дека останува Судот да си го каже своето.

Извор:Курир

Коментирај