Унгарскиот министер за првда: Груевски може да добие патни документи и слободно да ја напушти Унгарија ако сака

0
736

Унгарскиот министер за правда Лазло Трошани кажа дека македонските власти попусто бараат екстрадиција на експремиерот Никола Груевски, бидејќи тој веќе не може да биде вратен во Македонија откако доби азил во Унгарија. Трошани во синоќешното интервју за унгарската телевизија „Ехо ТВ“ рече дека со тоа што му е одобрен азил, Унгарија признава дека Груевски е жртва на прогон и не може да биде екстрадиран.

„Да бидеме искрени, ако поранешен премиер оди во затвор, сигурно нема да му е лесно“, изјави министерот за правда.

Тој вели дека не е запознат детално со причините поради кои на Груевски му е одобрен азил, но кажа дека Канцеларијата за имиграција и бегалци донела одлука по темелна истрага и утврдила дека македонскиот експремиер со право се плашел за својот живот.

Трошани појасни дека сега Груевски може да добие патни документи и слободно да ја напушти Унгарија ако сака.

Никола Груевски вчера попладне преку Фејсбук се пофали дека Унгарија одговорила позитивно на неговото барање за добивање политички азил.

Речиси истовремено, македонското министерство за правда соопшти дека го испратило до Унгарија барањето за екстрадиција на Груевски.

Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, но отиде во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија и побара азил од унгарските власти.

Извор:republika.mk

Коментирај