Тодор Петров: В.д. Владата останува на должност до изборот на нова Влада

0
619

Неколку опсервации по најавата за повлекување на министрите Албанци од Владата на должност до изборот на нова Влада. За работите да бидат појасни!

На 17 октомври 2016 година Собранието донесе одлука за распуштање. Изборите за пратеници се одржаа на 11 и 25 декември 2016 година. Со верификацијата на мандатот на пратениците, Собранието се конституира на 30 декември 2016 година.

Во согласност со членот 90 од Уставот, “Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“

На 9 јануари 2017 година претседателот на Републиката го довери мандатот на кандидатот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со најголем број пратеници во Собранието, Никола Груевски, кој во рок од 20 дена, заклучно со 29 јануари 2017 година не успеа да состави Влада.

До денес, претседателот на Републиката не доверил мандат на друг кандидат за состав на Влада. Во меѓувреме поминаа сите рокови. Некои од вршителите на должноста министри и вршителот на должноста премиер, беа избрани за пратеници. И ним, Собранието, исто така, им го верификува мандатот.

Прашањето е, дали во сето тоа има нешто спорно или спротивно на Уставот и на Изборниот законик. Да тргнеме по ред.

Со членот 93 став 5 од Уставот “Владата на која и’ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и’ престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.” Оваа Влада ги има сите надлежности на Влада, со полн капацитет, во согласност со членот 91 од Уставот, до изборот на нова Влада.

Со членот 63 став 5 од Уставот “Со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.”

Со членот 8, пак, од Изборниот законик “Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија. Исто така, функцијата пратеник е неспојлива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и градот Скопје, како и со извршување на стручни и управни работи во органите на државната управа, извршување на стопанска или друга профитна дејност и членување во управни одбори на јавни претпријатија, јавни установи, фондови, агенции, заводи и во други правни лица, како и со изборот на претставник на државниот и општествен капитал во трговските друштва…”

Со ставот 5 од членот 8 на Изборниот законик “со денот на верификацијата на мандатот за пратеник… функцијата им престанува.”

Не смееме да заборавиме, дека актуелната Влада не е избрана, туку само ја врши должноста на Влада, народски кажано актуелната Влада е в.д. Влада. Со распуштањето на Собранието на 17 октомври 2016 година, мандатот на таа Влада веќе и’ престана! До изборот на нова Влада, Уставот утврдил дека таа Влада само останува на должност.

Но, за в.д. премиерот, в.д. министрите и в.д. замениците министри кои истовремено се пратеници, иако нивниот мандат бил верификуван на конститутивната седница на Собранието на 30 декември 2016 година, за нив сепак не важи членот 8 ставовите 1 и 5 од Изборниот законик, бидејќи тие веќе немаат мандат на Влада за да им престане со верификацијата на мандатот на пратеник во Собранието, тие само ја вршат должноста до изборот на нова Влада!

Се разбира, ако пратениците не сакаат таа состојба да продолжи, треба да изберат Влада, но во согласност со членот 90 од Уставот. А, за тоа да се случи не постојат услови, нема мандатар доверен од претседателот на Републиката.

Бидејќи Влада не е избрана во утврдените рокови, а членот 90 е исцрпен, на пратениците не им преостанува ништо друго, освен да се распуштат, како услов за нови избори, бидејќи не постои уставен автоматизам за негово распуштање. После 29 јануари, се’ во врска со Влада, е злоупотреба на службената должност и самовластие и од претседателот и од пратениците.

За актуелниот в.д. премиер и в.д. министри не важат членот 8 ставовите 1 и 5 од Изборниот законик, бидејќи Закон не може да суспендира уставни одредби. Исто, како што Претседателот на Републиката и Владата вршат функции на Собранието доколку тоа не може да се состане за време на воена и вонредна состојба и покрај членот 8 став 1 алинеја 4 дека “темелна вредност на уставниот поредок е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.“

На крајот на краиштата, само Уставниот суд, во согласност со членот 110 став 1 алинеја 5 “решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт”. И никој друг нема право да го толкува Уставот како што нему му одговара.

Никаде во Уставот нема ограничување на надлежностите на Владата која останува на должност до изборот на нова Влада, освен што Собранието не се состанува поради тоа што не е избран претседател на Собранието и не може да носи закони по предлог на Влада. Но, и покрај тоа што изборот на претседател на Собранието по некое непишано правило е врзан со изборот на Влада поради парламентарното мнозинство од вкупниот број пратеници, пратениците можат да ја изберат комисијата за избори и именувања и да ги изберат тројцата потпретседатели на Собранието од партиите со најголеми пратенички групи ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, и еден од потпретседателите да претседава со Собранието.

Што се однесува до прашањето дали в.д. министрите и в.д. замениците министри од ДУИ ќе се повлечат од в.д. Владата, за в.д. Владата важи само членот 93 став 5 од Уставот: Ним им престанал мандатот со распуштањето на Собранието, а остануваат на должност до изборот на нова Влада!

За в.д. Владата не важат одредбите од членот 92 од Уставот за гласање за недоверба, бидејќи в.д. премиерот и в.д. министрите од 17 октомври 2016 година немаат мандат. В.д. Владата и секој нејзин член, за својата работа не одговараат пред Собранието. Собранието не може да изгласа недоверба на Владата. За в.д. Владата не важи поставувањето на прашањето за доверба. В.д. Владата не е должна да поднесе оставка. В.д. Владата не поднесува оставка. В.д. министрите не поднесуваат оставка, бидејќи веќе немаат мандат од 17 октомври 2016 година.

За в.д. министрите не важат ниту одредбите од членот 93 од Уставот. Имено, в.д. Владата нема право да си постави прашање за доверба пред Собранието, в.д. Владата не поднесува оставка. За в.д. Владата не важат ниту одредбите од членот 94 став 4 од Уставот “Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.” Оваа в.д. Влада не може да се разреши бидејќи по сила на Уставот и’ престанал мандатот уште на 17 октомври 2016 година.

В.д. министрите не даваат оставка, бидејќи од 17 октомври 2016 година им престанал мандатот, тие немаат мандат! В.д. министрите и в.д. замениците министри од ДУИ може само да престанат да ја вршат должноста и ништо повеќе од тоа. В.д. Владата нема обврска ниту на избор на нови в.д. министри и в.д. заменици министри доколку некој престане да ја врши должноста! Во случај на престанок на вршењето на должноста од некој в.д. министер или в.д. заменик министер, в.д. Владата само констатира дека определен в.д. министер и в.д. заменик министер престанал да ја врши должноста, им ги поништува сите овластувања по било кој основ на тие кои престанале да ја вршат должноста, а должностите на испразнетите министерски места ги преземаат в.д. замениците министри. Испразнетите министерски места за кои нема ни в.д. заменици министри ги презема в.д. премиерот. Ако си заминат државни секретари од ДУИ, а биле со овластувања, в.д. Владата ќе именува нови вршители на должноста или лица со овластувања. И толку! ДУИ не може да ја уценува в.д. Владата, како што тоа го прави во Собранието со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ поставувајќи ултиматум за избор на Влада.

И после се’ и покрај се’, в.д. Владата останува на должност до изборот на нова Влада, независно дали ќе се избере во актуелниот состав на Собранието, но поверојатно е после новите парламентарни избори!

Пишува: Тодор Петров

Коментирај