Тексас: Жртви и повредени во напад врз верници во црква

0
450

Жртви и повредени во Тексас откако вооружено лице отвори оган врз верници во црква. Полицијата го идентификува како младо момче од белата раса, а медиумите во САД веќе го именуваат како Девин Патрик Кели, поранешен американски војник. Масакрот се случи на годишнината од нападот во воената база „Форт Худ“ кога воен психијатар усмрти десетина луѓе.

Убиениот осомничен маж за нападот во Баптистичката црква во тексашкиот град Садерленд Спрингс, во кој загинаа 26 лица, а дваесетина беа ранети, е идентификуван како Девин Патрик Кели, поранешен американски војник. 26-годишното момче е од предградието на Сан Антонио, оддалечено околу 40 километри од местото на нападот. Полицијата засега не пронашла поврзаност со некоја терористичка група, но во тек е истрага за активноста на Кели на социјалните мрежи непосредно пред инцидентот. Според британски „Гардијан“, некогашниот припадник на военовоздухопловните сили на САД бил веќе осуден поради напад врз сопругата и ќерката.

„Нашата сојузна држава се соочува со најмасовното убиство во историјата. Трагедијата е уште поголема бидејќи нападот се случи в црква. Невини луѓе беа застрелани и усмртени“, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.

Претседателот Доналд Трамп, којшто е на азиска турнеја, го осуди нападот.

„Американците секогаш прават се што можат. Се обединуваат, се бодрат. Мојата администрација ќе им даде целосна поддршка на луѓето во Тексас. Благодарност до сите кои реагираа брзо, до ФБИ, до сите луѓе. На крајот, сите тие го спречија осомничениот и им пружија помош на повредените“- рече претседателот Трамп.

Верниците кои настрадаа биле на возраст од 5 до 72 години. Мотивите за нападот се непознати. Осомничениот успеал да побегне, но бил пронајден мртов во својот автомобил. Не се знае дали извршил самоубиство или некој друг го застрелал.

Пукотниците се случија на осумгодишнината од масакрот во воената база Форт Худ кога психијатарот Нидал Хасан усмрти 13 луѓе, поради што е осуден на смртна казна.

Во напади со огнено оружје во САД годишно умираат над 33 илјади луѓе, од кои 22 илјади се случаи на самоубиство. По секој инцидент се активира расправата за користење на оружје, но се уште не се преземени конкретни мерки за спречување на овие напади, пред се поради големото влијание на Национално здружение за огнено оружје.

Коментирај