Тажното детство и патот кон успехот на Прличев

0
106

Во далечната 1860 година на традиционалниот конкурс за поема, што се одржа во Атина, македонскиот писател Григор Прличев доби „Ловоров венец“ за поемата „Сердарот”.

Прличев е значајно име во македонската книжевна историја, а приказната за неговото тешко детство и таа за тоа како тој стигнал до Атина каде ја освоил големата награда, ќе ве трогнат.

Прличев се родил во 1830 година во Охрид и потекнувал од сиромашно семејство. Уште како мал останал без татко му Ставре, а за фамилијата која се состоела од од три машки и едно девојче се грижеле неговата мајка Марија и неговиот дедо. Бедата на неговото семејство била толку голема што поради немање обувки дедо му на грб го носел до училиште. Мајката на Прличев за да го прехрани семејството работела како аргатка по туѓи куќи и од неа ја слушнал поговорката: Работата е здравје и чест. Но, во својата Автобиографија со тага истакнува дека кога ја видел мајка си како го носи тешкиот ќилим на глава и кога никој не сакал да и помогне:

„… јас плачев, како некој да беше ја убил мајка… Како ќе се живеј? – си мислев јас и таа мисла остана царица на сите мои мисла“

Првата писменост ја добил од својот дедо и од него го научил да чита грчко писмо. Грчкото писмо, култура, јазик и просвета од тогаш ќе бидат повеќе од четвртина век постојано присутни во животот на Прличев и под нивно влијание се развил како интелектуална и поетска личност. Откако го совладал основното читање неговиот дедо го запишал во грчко келијно училиште и го помагал сè додека можел.

Откако го завршил школувањето во Охрид тој се вработил како терзија, а малку потоа се нашол како учител во Тирана. Тогаш веќе совршено го владеел грчкиот јазик и го читал Хомер. Меѓутоа, во Албанија се задржал краток период и со заштедените пари се вратил во Охрид сакајќи да го продолжи образованието. Таму од блиските и роднините бил советуван да замине во Атина и да студира медицина. Заминал во Атина, но медицината не го интересирала, а најомразен од сите предмети му бил анатомија. Затоа најголемиот дел од времето го поминувал следејќи ги литературните манифестации и во читање на Хомер. Поради недостиг на пари и болест бил принуден да се врати во Македонија.

Откако закрепнал во Охрид, решил да собере пари за да се врати во Атина и работел како учител во Долна Белица за плата од 3.000 гроша годишно. Од Долна Белица заминал за Прилеп како учител, а потоа станал учител во родниот град Охрид и таму останал шест години. Прличев успеал да собере 5.000 гроша и во август 1859 година повторно заминал за Атина каде, покрај студиите по медицина продолжил да пишува и стихови. За кратко време успева да ја напише поемата Сердарот и ја предал на конкурсната комисија во февруари 1860 година. Според автобиографијата, 25 март 1860 година во Атина се случил највозвишениот миг во творечкиот живот на Прличев. Пред многубројната публика грчкиот критичар Александар Ризос Рангавис објавил дека на анонимниот конкурс венецот се доделува за поемата Сердарот.

prlichev (1)

Иако, критичарите, авторот на поемата Серадрот го нарекле вториот Хомер, многу брзо дознале дека всушност тој е Македонец. По три дена од добивањето на наградата Прличев бил повикан од универзитетските власти и пред нив бил принуден да ја рецитира поемата за да докаже дека е нејзин автор. Откако увиделе дека тој е автор на поемата му била дадена наградата која била во сребро, а требала да биде во злато. Тој се откажал од половина од наградата за благородни цели и од месечната пензија која му била доделена од грчкиот крал Отон.

И покрај сета преданост кон грчката култура, при сиот творечки успех во поезијата на грчки јазик и пофалните зборови на Рангавис, Прличев бил понижен и тоа кај него предизвикало презир и раскинување на сите врски со Грција, по што се вратил во родниот Охрид.

www.hybread.mk 

Коментирај