Светски ден на детето

0
1189

Согласно резолуцијата 836 (IX) донесена на 14 декември 1954 година од страна  на Генералното Собрание на Обединетите нации, денес се одбележува Меѓународниот ден на децата. Денешниот ден пред се се однесува на донесувањето на Меѓународната декларација за правата на детето која што беше изгласана од државите-членки на ООН на 20 ноември 1959 година како необврзувачки документ за 30 години подоцна да биде донесена Конвенцијата за правата на детето во 1989 година и подоцна донесувањето на трите Опционални протоколи со кои државите се обврзуваат да ја унапредат и зацврстат националната правна рамка во насока на обезбедување подобри услови и заштита на децата на одредена територија.

По овој повод децата ширум светот ќе се појават во медиумите, политиката, бизнисот, спортот и забавата, за да укажат на најголемите проблеми со кои се соочуваат, соопшти Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).

На денешен ден се одбележува годишница од Конвенцијата за правата на детето, потсетува УНИЦЕФ и укажува дека сите деца имаат права кои произлегуваат од оваа Конвенција без оглед на тоа кои се, каде живеат, што им работат родителите, дали се сиромашни или богати, на кој јазик зборуваат, на која религија или култура и припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

Сепак, и покрај одредбите од Конвенцијата и напредокот кој е постигнат, статистиката покажува дека децата се уште се соочуваат со големи предизвици.

– Одбележувањето на Светскиот ден на детето ќе овозможи да се слушне гласот на децата и тие да укажат на најголемите предизвици со кои се соочуваат, се истакнува во соопштението.

– Кренете го гласот и помогнете за да се спасат детски животи; помогнете им на децата да се борат за своите права и да го остварат својот потенцијал, се вели во пораката на УНИЦЕФ Македонија, објавена на Фејсбук профилот на организацијата.

Коментирај