Светска банка за Македонија под водство на Заев: Тотално фијаско во економијата, здравството и образованието

0
4309

Со резултат од 0,79 Словенија се рангира на 13-то место на глобално ниво во најновиот индекс за човечки капитал, што е највисок резултат за европска земја во развој. Додека пак резултатот на Македонија е 0,51 со што нашата држава е рангирана најниско меѓу развиените земји, според индексот објавен за време на годишниот состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Индонезија.

Рангирани се 157 земји учеснички во однос на образованието, вештините и здравствените резултати меѓу нивните граѓани

Во текстот на „Emerging Europe“  се вели дека во Македонија се работи лошо.

-Вредноста на македонскиот индекс, особено вредноста на образовните индикатори е повик за итно дејствување. Се чини дека реформите досега не го трансформираа образовниот систем доволно за да помогнат најголемиот дел од студентите да постигнат барем основни компетенции, изјавил Марко Мантованели, менаџерот на Светската банка за Македонија.

Како што веќе пишавме, лидер на оваа листа е Словенија, додека пак на второто е Чешка со резулатат 0,78 , Србија има 0,76 , Естонија и Полска 0, 75 , 0,72 Хрватска и Латвија, Литванија е со 0,71 , додека пак Унгарија е со 0,70. Сите други земји се под 0,70.

Подобар резултат од Македонија имаат Косово, Грузија, Босна и Херцеговина, Ерменија, Азербејџан и сите други земји во развој во Европа на оваа листа на Светската банка.

Инаку, самиот Мантованели спомена дека најголемиот проблем во Македонија во овој момент е образованието, ниту еден македонски универзитет не е меѓу првите 1.000 на Шангајската листа.

За оваа состојба реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на 15-ти август кажа дека Македонија се соочува со уште еден голем пораз токму поради оваа причина.

-Ветуваа иднина, а образованието, образованието ни е руинирано. Каква е таа иднина кога имаме и официјална потврда дека ниту еден од универзитетите во државата не е според својот квалитет во првите илјада во светот. Ќе потсетам дека ветуваа живот, но добиваме порази. Нема градење на иднина без пристојно и квалитетно образование. Македонија е исклучена од оваа листа, изјави тогаш Мицкоски.

Мицкоски вели дека додека образованието во Македонија стагнира, во првите 500 се универзитетите од соседството Белград, Атина, Љубљана, Софија, Солун и итн.

-Како универзитетски професор, но пред се родител и граѓанин на оваа земја, можам да кажам дека ова е резултат на негрижата и немањето на стратегија во високото образование, немотивираноста на наставниот кадар, експериментирањето и политизацијата на образованието. За ова нема изговори, неуспехот на владата го плаќаат младите. Нема во Европска Унија со неквалитетно образование кое не е рангирано ниту во првите 1000 универзитети, нема иднина доколку главен приоритет за власта се криминални иновации наместо реформи во образованието. Не може да се тврди дека сте за младите, а нив трајно да ги деградирате со неквалитетно образование. Образованието е поврзано со економијата. Не можете вие да се залагате за развој во економијата и да понудите инвестиции со висока технологија, а при тоа да не можете да понудите кадар кој што е едуциран и може да ги опслужува овие инвестиции. Изминатиот период имав можност да другарувам и да се информирам со голем број млади луѓе во Република Македонија. Точно знаеме што им недостасува и тоа ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ која што ќе биде презентирана во период кој што следи. Нудиме голема авангардна понуда за сите млади во Република Македонија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека со оваа влада Република Македонија нема иднина, ниту ќе дојде Европската Унија.

-Затоа Македонија заслужува повеќе, заслужува образование со универзитети кои ќе бидат во првите 500 во Светот, Македонија е извор на знаење и компетенции. За да тоа се случи оваа власт мора да падне, и само така Македонија ќе победи, изјави Мицкоски.

Коментирај