СВЕДОШТВА: Гоце сметал дека е предаден од Софија, лондонски Тајмс пишува за „грчки шпион“

0
1199

Според сведоштвото од 1934 година на Стар Илинденец (псевдоним) откриено своевремено од д-р Михајло Миновски, Гоце Делчев, непосредно пред да започне битката во Баница во која загинал, му рекол на Карчо: Изгледа дека сме предадени од Софија. Ете зошто спасот не е возможен, пишува Дарко Јаневски за порталот Денешен.мк

Андреј Хрлев, благајникот од Броди кој е еден од најспоменуваните како предавик, три децении подоцна ја отворил душата и напишал дека четата на Тефиков ја предводеле двајца врховисти. Но, лондонски Тајмс пишува за загинувањето на „македонскиот револуционер“, предаден од „грчки шпион“

Сто и седумнаест години по смртта на Гоце Делчев, се уште не може со сигурност да се каже кој го извршил предавството, чин кој за нашата историска наука, за разлика од бугарската, не е спорен. Еден од последните трагови во оваа насока, е своевременото откритие на д-р Михајло Миновски кој при истражувањата во Софија дошол до еден текст во весникот „Македонско знаме“ од 1934 година во кој е отпечатено сведоштво на учесник во Илинденското востание. Сведокот, како пријател на Карчо од Кукуш (Георги Думчев Карчо, загинува со Даме Груев во декември 1906 г.) придружник на Делчев во последните часови од неговиот живот, имал привилегија од него да ги чуе размислувањата на војводата непосредно пред смртта, меѓудругото и за тоа кој можниот предавник на четата. Еве што Стар Илинденец, како што пријателот на Карчо се претставил во „Македонско знаме“ во 1934 година, очигледно плашејќи се за својот живот дури и во тие години, раскажал во весникот:

„На 21 април 1903 година (според стариот календар, н.з.) дошле селаните за да му кажат на Гоце дека селото е опколено од многуброен аскер. Постојаниот придружник на Гоце, нему преданиот Карчо родум од Кукуш, му предлага на Гоце да излезе и да ја види положбата на војските, да откријат послабо бранет пункт низ кој би можеле да се извлечат од опсадата. Гоце му одговорил со следните зборови: „Карчо, ако бевме предадени од овде, ќе најдевме можност да излеземе од опсадата, но изгледа дека сме предадени од Софија. Ете зошто спасот не е возможен, па затоа напред, следете ме, да излеземе и да ја примиме битката со таква решителност што нашата крв скапо да ги чини непријателите“.

Според мислењето на Карчо искажано пред мене, како пред личен пријател, Гоце по заминувањето од Софија бил многу нерасположен и постојано повторувал дека неговите противници нема да избираат средства за да го расчистат својот пат. Зашто Делчев, како голем авторитет, ползувајќи се со влијанието пред револуционерните дејци од внатрешноста, знаејќи им ги намерите… можеше да ги попречи нивните планови“, раскажувал Стар Илинденец во 1934 година.

СЛЕДЕН ОД СОФИЈА

Станува збор за аргументација што ја следи д-р Миноски и според која Делчев бил следен по налог на бугарската власт веднаш по напуштањето на Софија и тргнувањето на неговата последна обиколка низ Македонија. Всушност, за нашата историска наука не е тајна дека официјална Бугарија не го сакала премногу Делчев кој, настрана што не се согласувал со одлуката за кревање масовно востание, туку претставувал генерална пречка за улогата на врховистите во Македонија.

Во рамки на мотивите на бугарските приврзаници да го предадат Делчев на Турците влегува и непосредниот судир околу солунските атентати, во врска со што Иван Гарванов, тогашен челник на ТМОРО (кој според д-р Миноски е експонент на бугарската влада) и Делчев биле на спротивните страни. Таа епизода од македонската историја, која се случувала додека Делчев и Груев во солунската гимназија ја имале последната средба, можеби најдобро го отсликува судирот кој владееел во Организацијата меѓу двете струи. Расцепот бил толкав, што дури и Ѓорче Петров не гледал ништо чудно во можноста Делчев да бил предаден од врховисти вметнати во самиот ЦК.

„Важно е дека Делчев бил намирисан од Солун и следен до Сер… Тефиков ја имал таа задача… Не успеале да го фатат во Солун. Не го фатиле ни во Серско, но знаеле дека тука ќе мине… Во Солун имало некој шпион, близок до нашите луѓе… Затоа мислам дека предавството на Делчев било извршено од Солун“, раскажувал во своите спомени Ѓорче Петров, што повторно оди во прилог на тезата за бугарската линија во предавството и убиството на Делчев во кое Тефиков бил само извршител.

ХРЛЕВ: ДВАЈЦА ВРХОВИСТИ ЈА ПРЕДВОДЕА ПОТЕРАТА

Ако главата на предавникот се наоѓала во Софија, како што мислел самиот Делчев спорерд сведоштвото на Стар Илинденец кој ги пренел зборовите на Карчо, како извршители на теренот биле споменувани повеќе лица. Најчесто се јавува името на Андреј Хрлев од Горно Броди, локален благајник на организацијата, кого во своите спомени како предавник го посочува и Даме Груев. Меѓутоа, во полза на Хрлев постои еден клучен факт: тој ја преживеал истрагата на Серскиот револуционерен округ за предавството на Делчев во време кога и за многу побенигни работи се добивал нож в грло. Три децении подоцна, Хрлев јавно прозборел за обвинувањата против него, негирајќи ги и посочувајќи дека турската војска која го гонела Делчев била ‘предводена од двајца врховисти’, а тој поради страв за сопствениот живот бил принуден да молчи.

Но, ако Хрлев се спасил, тоа не им успеало на низа други кои биле посочени како учесници во предавството. Според д-р Миноски, Окружното раководство на Серскиот револуционерен округ ја презело истрагата, по што на теренот биле упатени неколку чети, меѓу кои и таа на војводата Георги Радев. Тој со четниците влегол во Баница во 2 часот по полноќ на 12 декември 1904 година по што од домовите биле извлечени Марин Георгакиев и Коста Маџаров, а подоцна, заедно со Георги М. Орешков и Коста Петров (фатени во селото при нивното враќање од дрва) биле ликвидирани. Георгакиев бил убиен на местото каде Делчев загинал, а останатите на гробот каде војводата бил погребан. Неколку месеци пред тоа, на 22 август 1904 г. бил убиен и Георги Шимов Агов, кој облечен во турска облека, учествувал во потерата по Делчев. Со тоа се сметало дека непосредните предавници се ликвидирани.

Во рамки на севкупната истрага, од страна на четата на Илија Тешовалијата биле убиени и таткото Апостолов од селото Баница, неговите двајца синови и едната снаа. Може само да се замисли каква е таа ситуација кога биле ликвидирани четири членови на едно семејство. Како учесници во други предавства биле ликвидирани и Георги Дурата, Михаил Каптовали и Атанас Костов. Со тоа е затворен списокот на ливидации поврзани со предавството на Делчев и воопшто во Серскиот округ, иако не е јасно дали заклучувањето на списокот е сторено затоа што немало други осомничени или заради забрзаното губење на силата на Организацијата предизвикано од погромите по Илинденското востание.

Како и да било, приказната за предавството на Делчев не е целосно реконструирана и затворена. Своевремено, Христо Андонов Пољански, кој според денешните македонски политичари на власт, животот го потрошил занимавајќи се со револуционерната дејност на еден Бугарин, своите истражувања за ова ги завршил со заклучкот дека за тоа ќе треба целосно да се отворат не само турските, туку и бугарските и грчките архиви. Во изминатиет децении, турските архиви се целосно отворени, бугарските исто така, освен ако нема нешто што се крие, но грчките и натаму остануваат затворени.

ТАЈМС: МАКЕДОНСКИОТ ЛИДЕР Е МРТОВ, ПРЕДАДЕН Е ОД ГРЧКИ ШПИОН

Лондонски Тајмс донесува интересен текст на 26 мај 1903 година: „Според нашиот известувач од Софија, прецизните извештаи за смртта на фамозниот македонски лидер Делчев, покажуваат дека тој, придружуван од Кирчовски и поетот Јаворов, влегол во селото Баница каде неговот присуство било предадено на Турците од страна на грчки шпион.

Големи сили го опкружиле селото и сите членови на револуционерната банда биле убиени. Биле убиени и многу селани кон кои Турците отвориле оган“, се вели во Тајмс.

Текстот и е одамна познат на нашата историја, но досега не е посериозно третиран затоа што има евидентни непрецизности (Јаворов не бил во Баница, сите членови на четата не се убиени), а веројатно и поради тоа што се смета дека доказите за бугарската вмешаност се премногу силни за да се поверува во извештајот на репортерот на Тајмс, кој можеби бил свесно брифиран со лажни податоци од Софија. Но, од друга страна, Македонија досега никогаш не ѕирнала во грчките архиви од тој период, за да може да каже дека во ниту една фаза од операцијата за ликвидација на Делчев не биле вмешани Грци.

Во извештаите на европските дипломати, се споменуваат уште два моменти за овој настан. Едниот е од 12 мај 1903-та година на англискиот генерален конзул во Солун, Алфред Билиоти до амбасадорот О’ Конор во Цариград:

„На 4 мај 1903, учител во Баница е уапсен близу до Сер поради поседување на неколку куршуми за манлихерка. Тој бил затворен, и дал значајни информации кои доведоа до блокирање на Баница и до последниот судир…“

Очигледна непрецизност во овој извештај е поврзувњето на апсењето на учителот од Сер на 4 мај со блокадата на селото. Тоа, едноставно не било можно за толку кратко време.

Другиот документ е допис од 13-ти мај 1903-та година на францускиот конзул во Солун, Стег, до министерот на надворешни работи Делкесе. Според тој документ ‘еден селанец од Горно Броди им кажал на Турците дека во Баница има лица од комитетот (ВМРО). Селото е блокирано и по 20 часа четата е уништена’.

Пишува: Дарко Јаневски

Коментирај