Св. Трифун нѝ е „важен“ заради пиењето вино, а Св. Валентин нѝ е лесно „прифатлив” заради заљубувањето

0
363

ГОЛТКА ВИНО И ВЕЧНА ЉУБОВ

Ние, луѓето, не само што брзо забораваме, туку и слабо восприемаме. Не сме толку слаби и неуки, туку крајно мрзливи. Сакаме друг, и повторно друг да ни направи услуга и да запамети за нас, да нè потсети дека тогаш или така, треба да направиме ова или она. И на крај, пак одиме по линијата на помалиот отпор, заслушнуваме некоја маргинална информација која нè соблазнува преку некоја наша страст, и, токму таа ја подзапаметуваме.

Така и Св. Трифун нѝ е „важен“ заради пиењето вино, а Св. Валентин нѝ е лесно „прифатлив” заради заљубувањето. Св. Симеон Богопримец, кој се слави ден потоа, однапред е заборавен веројатно зашто не е поврзан ниту со пиење, ниту со јадење, ниту со некоја сладуњава појава.

Но, ниту Св. Трифун ниту маченикот од раното христијанство од просторите на денешната западна Европа, не би биле денес славени ако не го примиле Бога во своите срце и не ја наполниле својата душа со верата во Него, ниту ако не го исчистиле својот ум од духот човечки и ревносно не се полнеле со Духот Божји. Тие се само сведоци за пожртвуваноста и маченичкото сведочење на Божјата вистина.

Св. Трифун, е прогласен за заштитник на земјоделието и лозјата. Се слави токму во годишниот период кога после зимата, кога сеуште е студено, за прв пат се будат и запупуваат дрвцата и лозјето. За добар род потребни се агротехнички мерки, но сепак сè зависи од „мерките” на климатските услови, а на крај неопходен е Божјиот благослов, зашто од Божјата волја зависат и климатските услови и успешноста на човечкиот труд. Најнапред, уште поважно е да се засадат садници и лозови прачки од здрав и добар вид, што ќе даваат добар и богат род, што ќе сведочат за целината на дарот.

Човекот е зависен од созданијата Божји што ја прават неговата животна средина. И должен е да ја одржува дадената животна средина со својот труд и посветеност, според зацртаните закони присвоени со искуството, а со цел да дава и да прима и да се радува на животот, славејќи го Бога Творецот!

Св. Трифун имал дарба на Светиот Дух да исцелува болни, особено душевно болни кои биле опседнати од демони. Тоа се заробени души во коров како во необработена нива во која што трњата зеле замав и ги освоиле нескроените лозја… Човечката душа треба да се негува, да се издига уште додека е во јасли и да се заштитува, да се чува чиста, освен со мајчино млеко да се напојува и со причест. Така нема да останат само старецот Симеон и мудреците од исток кои го препознале младоженецот, туку ќе се појават многу и помлади кои ќе се радуваат на новороденчињата што во прегратка на младите родители или малку потпораснатите дечиња фатени за рака, трпеливо чекаат во редица за причест во неделите на богослужбата, за да го примат младоженецот…
Св. Трифун бил неверојатно млад. Имал само седумнаесет години, слабичок, нежен, кој во слободното време чувал гуски… Но силата на Духот Божји зрачела од него, силната вера на младото момче го негувала тој Дух, и ништо, не можело да ја разниша неговата вера. Ни едно од ужасните страдања што ги доживеал во своето мачеништво. Гуските потсетуваат на лесноумноста и заборавеноста на луѓето и нивната загубена ориентација во времето и просторот.

Бог, Човекољубецот, Творецот и Пазителот секогаш праќа ангели но, избира и луѓе од нашето земно опкружување да нè водат по неговите пасишта, по неговите ниви и лозја. Да, при тоа допушта да се засладиме со добри плодови, па дури и да се напиеме добро вино.

Допушта и да се заљубиме, но очекува да се вљубиме, односно да се вселиме во љубовта, зашто „Љубовта никогаш не пропаѓа.” (1.кор.13;8)

Славениот Св. Валентин ако се заљубеше и одљубеше немаше ништо да остане за спомен денес.

Така се троши секоја и секаква човечка измислица. Луѓето денес продолжуваат да „измислуваат” и „смислуваат”, на крај заборавајќи го важното, не измисленото туку даденото. Но христијанинот знае што значи измислување без Божјиот благослов. Знае преку мрзливоста кој нè води… Затоа да пристапиме со страв и вера, со љубов и покајание при секое наздравување со лебот и виното, односно со примањето на телото и крвта на препознаениот и вечно љубениот наш Спасител!

Пишува: Вера Симовска

Коментирај