Страв од губење на работното место

0
296

Одамна постојат нови правила во деловниот живот на луѓето. Губитокот на работното место е реалност за многу вработени и е директно поврзан со процесот на транзиција. На скалата на стресни ситуации во животот на една личност, губењето на работното место се наоѓа многу високо, веднаш зад најтешките доживувања (смрт на близок, емоционален губиток и слично).

Следејќи ги информациите за илјадниците вработени кои остануваат на улица, повеќето луѓе почнуваат да се загрижуваат дека нешто слично може да им се случи еден ден и нив.

Реалност која се случува 

Стравот од губењето на работното место е реална категорија со која морате да се соочите. Тој страв има повеќе корени. Првиот е  во свесноста на луѓето. Во нашата држава со вработувањето се развивала и лојалноста кон фирмата, за разлика од западните општества каде честото менување на работното место е нормална и пожелна појава.

Другата причина е грубата реалност – секојдневните информации за отпуштања од работа. Таквата перспектива, во ситуација кога голем број семејства едвај преживуваат, нормално дека ги плаши луѓето дека ќе го изгубат и оној денар што го имаат, колку и да е тој мал. Тоа е егзистенцијален страв што всушност значи: „Како ќе преживеам?“

Во ситуација на шок 

Тие кои се нашле во ваква ситуација тоа го доживуваат како тектонско пореметување на рамнотежата. Во прво време се доживува паничен страв, личноста се блокира и не знае што со себе и големиот проблем што е пред неа. Тоа е нормална реакција, затоа што човекот се наоѓа пред непозната, трауматична ситуација. Кога ќе помине првичниот шок, доаѓа ситуација кога треба да се реагира, а како кој ќе реагира, зависи од самата личност, од нејзиниот степен на прилагодување на новонастанатата ситуација.

Спротивставете му се на стравот 

Стравот дека може да го изгубите работното место е разбирлив, но не е и алиби да седите со скрстени раце. Со години наназад бевме раскомотени и заштитени во една животна филозофија, која не учеше „еднаш вработен – секогаш вработен“ и така сè до пензионирање, најчесто во истата фирма.

Денес владеат нови правила на игра во целокупното пазарно натпреварување и важи се спротивно од она во минатото. Оној што го сфатил тоа и почнал да „игра“ по новите правила ќе има поголем професионален успех. Дури и ако остане без работа нема да седи со скрстени раце, жалејќи се на лошата судбина, туку активно ќе се позанимава со барање нова работа.

Извор:www.hybread.mk

Коментирај