Стивен Хокинг: Ова е најопасното време за нашата планета

0
772

Не смееме да продолжиме да ја игнорираме нееднаквоста затоа што сега ја имаме сета технологија за да го уништиме нашиот свет, но не и за да избегаме од него.

Како теоретски физичар со седиште во Кембриџ, вели во колумна за Гардијан еден од најпознатите научници на нашето време, Стивен Хокинг, мојот живот го живеев во исклучително привилегиран меур. Кембриџ е необичен град, распослан околу еден од најголемите универзитети во светот. Внатре во тој град, научната заедница чиј дел станав во моите 20-ти години сега е уште повеќе проретчена.

А внатре во таа научна заедница, малата група меѓународни теоретски физичари со кои го поминав мојот работен живот понекогаш може да паднат во искушение да сметаат дека се врвот. Во прилог на ова, со славата што дојде со моите книги, и со изолацијата наметната од мојата болест, се чувствувам како мојата кула од слонова коска да станува сè повисока.

Така, неодамнешниот јасен израз на протест против елитите во Америка и Велика Британија се однесува и на мене исто колку и на секој друг. Што и да мислиме за одлуката на британскиот електорат да го отфрли членството во Европската Унија и за одлуката на американската јавност да го прифати Доналд Трамп како свој иден претседател, во главите на оние што коментираат нема сомнеж дека тоа е гневен крик на луѓето што чувствувале дека се напуштени од своите лидери.

Тоа беше, се согласуваат сите, моментот кога заборавените прозбореа, го кажаа својот глас отфрлајќи ги советите и инструкциите на експертите и на елитата низ целиот свет.

Јас не сум исклучок од ова правило. Пред гласањето за брегзит јас предупредив дека тоа ќе им наштети на научните истражувања во Велика Британија, дека секој глас за заминување ќе биде чекор назад, а електоратот – или барем еден доволно значаен дел од него – не ми посвети нималку повеќе внимание отколку на другите политички лидери, синдикалци, уметници, научници, бизнисмени и познати личности, кои здружено му го даваа истиот игнориран совет на остатокот од земјата.

Она што сега е важно, многу повеќе од одлуките што ги донесоа овие два електорати, е како реагираат елитите. Треба ли ние, за возврат, да ги занемариме тие гласови како изблици на суров популизам што не ги зема предвид фактите и да се обидеме да ги избегнеме или да ги ограничиме одлуките што тие ги претставуваат? Јас би рекол дека ова би било страшна грешка.

Зад тие гласови стои загриженоста поради економските последици од глобализацијата и забрзаните технолошки промени, која е апсолутно разбирлива. Автоматизацијата на фабриките веќе ги десеткуваше работните места во традиционалното производство, а подемот на вештачката интелигенција веројатно ќе им нанесе уште еден удар на работните места на средната класа, па ќе останат само најкреативните или надзорните функции.

Ова, од друга страна, ќе ја забрза веќе раширената економска нееднаквост во целиот свет. Интернетот и платформите им овозможуваат на многу мали групи од поединци да остваруваат огромни профити, во исто време вработувајќи многу малку луѓе. Ова е неизбежно, ова е напредок, но исто така е општествено деструктивно.

Ова мора да го третираме исто како и финансискиот крах, кој им покажа на луѓето дека многу мал број луѓе што работат од финансискиот сектор може да ги добијат големите награди и дека ние другите сме жиранти на тој успех и ја плаќаме сметката кога нивната алчност ќе нè застрани од патот. Така, општо гледано, живееме во свет на сè пораширена, а не на опаѓачка финансиска нееднаквост, во кој многу луѓе гледаат како исчезнува не само нивниот животен стандард, туку и нивната способност да заработат за гол живот. Не е ни чудо што сакаат да дојде некој друг, а тој некој се чини во моментов го претставуваат Трамп и брегзитот.

siromasni-na-internet

Исто така, уште една несакана последица на глобалната раширеност на интернетот и на социјалните мрежи е тоа што сега суровиот карактер на оваа нееднаквост е многу поочигледен отколку што беше во минатото. За мене, можноста за употреба на технологијата за да комуницирам е ослободувачко и позитивно искуство. Без него, немаше да можам да продолжам да работам сиве долги години.

Но тоа исто така значи дека животот на најбогатите луѓе во најпросперитетните делови од светот е болно видлив за секој што има пристап до телефон, колку и да е сиромашен. И бидејќи сега има повеќе луѓе со пристап до телефон отколку до чиста вода во супсахарска Африка, ова наскоро ќе значи дека речиси никој на нашата пренаселена планета нема да може да ѝ избега на нееднаквоста.

Последиците од ова јасно се гледаат: сиромасите од селата нагрнуваат во градовите, во сиромашните квартови, мотивирани од надежта. И тогаш честопати, кога ќе откријат дека инстаграм-нирваната таму не им е достапна, тие ја бараат во странство, приклучувајќи им се на сè поголемиот број економски емигранти во потрага по подобар живот. Овие мигранти, пак, значат потреба за поголема инфраструктура и економија во земјите во кои пристигнуваат, поткопувајќи ја толеранцијата и уште повеќе разгорувајќи го политичкиот популизам.

За мене, она што е навистина загрижувачко тука е што сега, повеќе од кога било во нашата историја, нашиот вид треба да работи здружено. Се соочуваме со страшни еколошки предизвици: климатските промени, производството на храна, пренаселеноста, убивањето на другите видови, епидемиите, киселоста на океаните.

Заедно, тие се потсетник дека сме во најкритичниот момент во развојот на човештвото. Ние сега имаме технологија за да ја уништиме планетата на која живееме, но сè уште ја немаме развиено способноста да избегаме од неа. Можеби за неколку стотици години ќе имаме воспоставено човечки колонии меѓу ѕвездите, но во моментов имаме само една планета и мора да работиме здружено за да ја заштитиме.

За да го сториме тоа, ние треба да ги уриваме, а не градиме бариери меѓу народите и внатре во самите нив. Ако сакаме да имаме шанса да го сториме тоа, светските лидери треба да признаат дека не успеале и дека го изневериле мнозинството. Со ресурсите сè повеќе концентрирани во рацете на малкумина, ние ќе мора да научиме да споделуваме многу повеќе отколку во моментов.

Бидејќи исчезнуваат не само работните места, туку и цели индустрии, ние мора да им помогнеме на луѓето да се преквалификуваат за еден нов свет и финансиски да им помогнеме додека го прават тоа. Ако заедниците и економиите не можат да се справат со сегашните нивоа на миграција, ние мора да сториме повеќе за да го поттикнеме глобалниот развој, бидејќи тоа е единствениот начин на кој милионите мигранти ќе се уверат дека својата иднина треба да ја бараат дома.

Ние можеме да го направиме ова, јас сум огромен оптимист во однос на мојот вид; но за тоа ќе треба елитите, од Лондон до Харвард, од Кембриџ до Холивуд, да ги научат лекциите од изминатава година. Пред сè да се научат на потребната доза скромност.

Коментирај