Стаменковска: Одложувањето на рочиштето за „Поткуп“ е уште еден доказ дека судството под притисок на СДС го допре дното

0
333

Одложувањето на рочиштето за предметот „Поткуп“ на неопределено време е уште еден доказ дека судството под притисок на СДС го допре дното, истакна Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

-Правдата и законите во оваа држава важат за сите освен за Зоран Заев и криминалната врхушка околу него. Нема предмет, нема кривично дело за кое судењето не можело да почне повеќе од две години. Нема обвинет кој бил соочен со докази за кривичното дело и успеал повеќе од две години да го одложува почнувањето на предметот. Целата јавност виде како во функција на градоначалник на Струмица Зоран Заев бара поткуп од 200.000 евра по принцип „едно евро за Вицето, едно за црквата“, а судот трета година не може да створи услови за да почне да му се суди, рече Стаменковска и додаде:

-Досега беа измислувани десетици апсурдни причини за да се одолговлекува правдата. Судот му прогледуваше низ прсти и кога велеше дека не го признава и нема да ги почитува неговите одлуки, а го толерираше и кога одложуваше рочишта заради наводни средби со портири или други вработени по амбасади. Судиите не реагираа ниту кога им се закануваше со реизбор, а премолчуваа и кога во нивно име најавуваше процеси и притвори.

Судството под притисок на Зоран Заев и СДС, потенцираше Стаменковска, само годинава седум пати ги одложуваше рочиштата за поткуп на Заев.

-Истото тоа се случуваше и лани и во 2015 година. Секое ново закажување беше на се подолг рок, а врв на ваквото однесување е денешното одложување на неопределено време. Истовремено судовите под притисок на Заев, рочиштата за политички конструираните случаи од страна на СЈО ги закажуваат секоја недела. За секој што не е член на СДС и не ги поддржува нивните деструктивни политики важат едни аршини, а за Зоран Заев сосема поинакви. Зоран Заев мора да одговара за криминалот што го сторил. Ваквата партиско-политичка неправда и амнестирањето на криминалот на Заев мора да престане.

Коментирај