Стагнација, рекет и задолжувања

0
67

Економија на апарати. Ова е најкусата реченица со која може да се опише македонското стопанство моментално. Системот некако живурка, уште сите сегменти се одржуваат, но срцето забревтува. Да во нашиот случај срцето е индустријата. Падот кој истата го бележи последниов месец покажува дека не е на арно работата овој пат. Но не е само тоа, тука е и задолжувањето, непродуктивното трошење и рекетот. Последново можеби е најомиленото хоби на власт и е најбрзиот начин да се уништи економијата и да се затворат илјадници работни места, патентирано и пуштено во употреба од Зоран Заев.

пишува: Светислав ВАСЕВ

И некако се чини сѐ почнува со рекетот. Според моабетите низ чаршијата нема бизнисмен кој не бил предмет на уцена, од најмалиот до најголемиот. Она што сега го гледаме како признанија очигледно допрва ќе се развива. А особено со падот на власта, кога ќе биде надминат стравот.

Огромни пари завршиле во нечии џебови. Од бизнисмените, во лица блиски до власта. Исказите кои ги гледаме во медиумите и гломазноста на системот упатуваат на државен рекет – рекет кој е аминуван од највисоката власт.

Дел од бизнисмените кои се уценувани и платиле рекет и соработуваат со рекетарите, потоа добиваат низа повластици, па слушаме за малтретирани работници кои никој не ги заштитува, работници кои земаат плата по минималец за потоа да враќаат дел од парите на рака. Луѓе плачат за 10.000 денари, но нема кој да ги заштити, затоа што некој некаде платил… и така се во круг. Помалку пари кај граѓаните. Помалку пари во економијата, а многу пари на црно. Но во мал број луѓе.

Оние пак кои нема да платат, се утепани од контроли и притисоци. На едниот или другиот начин економијата тоне, фирмите покажуваат се помала ликвидност и не се операбилни.

И оние кои решиле некако да се спротистават и да водат битка наспроти ветерот, ги тепаат даноците, дуплирани од оваа власт. Но иако покачено, не донесоа резултат. Голем број на бизниси се отселија од државата, а дел од нив очигледно покажуваат помали профити, реално или не е неважно моментално. Резултатот е поразителен. 1/3 , внимавајте 1/3 е помало нивото на данок на добивка кое е уплатено во вториот квартал годинава во споредба со истиот квартал минатата година. Ако мислите дека ова е лошо. Се лажете, може и полошо. Тука секако е власта да не демантира, за пола година се реализирани двесетина проценти од годишно предвидените пари за капитални инвестиции. Знаете што значи тоа? – Дебакл.

И додека инвестиции нема, рекетот цвета, задолжувањата не запираат. Е тука сите се прашуваме за што? На тоа прашање одговор ќе добиеме во некои подобри времиња, кога во државата ќе завладее правото, и независен ревизор ќе ги испита буџетските трошења во изминативе две ипол години, и тоа каде заминаа над 10 милијарди евра!?

До кога вака? – Реално додека е Заев на власт. Одговорот го имаме. Решението, исто така, потребно е само да одлучиме, ќе живееме вака и ќе молчиме или ќе смениме нешто. Од нас зависи.

Извор:лидер.мк

Коментирај