Средба на Заев со амбасадорите

0
564

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска, денеска се сретна со амбасадорите на Германија, на Велика Британија, на Шведска и на Холандија, Кристине Д.Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп.

На средбата, како што соопштува СДСМ,  е оценето дека е неопходно демократските процеси во Македонија да продолжат со цел да се формира новата реформска Влада, според очекувањата на граѓаните.

– Имавме кредибилни избори, на коишто мнозинството граѓани го поддржаа концептот на едно општество, развој на Република Македонија и квалитетен живот. Преточено во пратенички мандати, тоа се 67 мандати со коишто е обезбедено парламентарното мнозинство и се создаден услови за разговори за формирање на новата Влада, истакнал Заев.

Тој додал дека е неопходно Иванов веднаш да го даде мандатот за формирање нова влада во Р.Македонија, во интерес на граѓаните и на државата.

Според него, нови избори би значеле само продлабочување на кризата. – Ние сме определени кон унитарна Република Македонија, тоа е поддржано и од партиите со кои го обезбедивме парламентарното мнозинство. Ја имаме веќе основата на новата владина програма за што ќе се разговара во процесот на формирање Влада, таа е поставена на реформи, нови работни места, квалитетно здравство, образование, правда, враќање на парите кон граѓаните и евро-атлантски развој на Македонија преку заедништво, а не поделби, рече Заев.

Во соопштението стои дека на состанокот се изразени очекувања за зрелост од сите страни со цел Македонија и граѓаните што побрзо да ја добијат новата Влада, на мирен начин, како што доликува на земја што има за цел да биде дел од демократскиот свет.

Коментирај