СМК АПЕЛИРА: Иванов да не го потпише указот доколку се изгласа двојазичноста без разгледување на амандманите

0
193

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС: АПЕЛ ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА ДА НЕ ГО ПОТПИШЕ УКАЗОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ ПРИ ЕВЕНТУАЛНО ПОВТОРНО РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ!

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) потсетува дека во согласност со членот 38 став (4) од Законот за Собранието на Република Македонија и членот 173 став (3) од Деловникот на Собранието на Република Македонија, при повторно разгледувaње на закон чиј указ за прогласување претседателот одлучил да не го потпише, “можат да се поднесуваат амандмани во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“.

СМК и натаму бара повлекување на Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на 11 јануари 2018 година, бидејќи е во спротивност со членот 7 од Уставот на Република Македонија, ја редефинира унитарноста и државноста, воведува двојазичност на целата територија и во меѓународните односи на Македонија со цел унапредување на статусот на албанската етничка заедница во државотворен народ, и врши дискриминација на помалите етнички заедници во еднаквоста пред Уставот и законите.

СМК смета дека јазичните права на малцинските етнички заедници според Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година целосно се апсолвирани во Уставот на Република Македонија со амандманите од 16 ноември 2001 година и Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа донесен од Собранието на 4 август 2008 година.

СМК смета дека Законот за употреба на јазиците не ги унапредува положбата и правата на малцинските етнички заедници, напротив ќе ги продлабочи поделбите во општеството и државата, ќе го наруши националниот суверенитет и територијалниот интегритет!

Доколку парламентарното мнозинство или парламентарниот спикер го отфрлат разгледувањето на поднесените амандмани на Законот за употреба на јазиците, или при неговото повторно разгледување Собранието го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во спротивност со укажувањето на претседателот на Републиката од 17 јануари 2018 година и писмената гаранција на премиерот од 17 мај 2017 година дадена пред претседателот на Републиката при доверувањето на мандатот за состав на Влада, СМК бара претседателот на Републиката ПОВТОРНО ДА НЕ ГО ПОТПИШЕ УКАЗОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ на Законот за употреба на јазиците, бидејќи има апсолутно суспензивно право врз законите на Собранието, во услови кога Владата нема двотретинско парламентарно мнозинство за поведување постапка за одговорност на претседателот на Републиката, според членот 87 од Уставот!

СМК предупредува дека прекршувањето на процедурата за донесување на Закон утврдена со Уставот и законите, претставува кривично дело “злоупотреба на службената должност“ за што премиерот, министрите и пратениците ќе добијат кривична пријава.

СМК предупредува дека доколку претседателот на Собранието без потпис на претседателот на Републиката за прогласување, спротивно на членот 75 став 3 од Уставот, го објави Законот за употреба на јазиците во “Службен весник на Република Македонија“, врши кривично дело злоупотреба на службената должност заедно со директорот на “Службен весник на Република Македонија“! Македонските државјани немаат обврска да почитуваат ниту еден закон објавен во “Службен весник на Република Македонија“ без потпис на претседателот на Републиката! Закон без потпис на претседателот на Републиката се смета за неважечки, односно истиот не произведува правно дејство!

Иако правата и слободите не може да се квантифицираат, нив или ги има или ги нема, и од нив никогаш доста, СМК и натаму смета дека во македонско-албанските билатерални односи, Македонија мора да се придржува на основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира взаемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи: Што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија, како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните!

СМК предлага Декларација за македонско-албанско историско помирување, Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Албанија, Договор за положбата и правата на Албанците во Македонија и на Македонците во Албанија, и Уставна декларација на Собранието на Македонија за почитување на правата и слободите загарантирани со Уставот независно од пописните резултати заради релаксација на етничките тензии во земјата!

СМК преферира електронски попис во согласност со биометриската матична евиденција, книгата на државјани и евиденцијата на граничните премини за влез и излез од државата.

Пишува: Тодор Петров

loading...

Коментирај