СКОПЈЕ СЕ ГУШИ: На сила бесплатен градски превоз и стопирање на градежните активности

0
315

Скопје изминативе денови се соочува со енормно загадување еднакво на еколошка катастрофа, а според последните мерања главниот град на Македонија е на трето место во светот по загадувањето на воздухот, веднаш по Дака во Бангладеш и Колката (Калкута) во Индија.

Во 21 часот во населба Лисиче, општина Аеродром беа измерени 605 микрограми, односно 12 пати повеќе од дозволеното.

И изутринава Скопје е загаден над дозволеното. Највисоки концентрации на ПМ10 честички повторно има во Лисиче 313 микрограми на метар кубен, кај Ректорат се измерени 182, во Гази Баба 159, во Центар 110 и во Карпош 96 микрограми.

По добиените информации дека квалитетот на воздухот во Скопје последователно два дена е загаден над дозволеното, односно над 200μg/m3, вчера повторно беа активирани мерките за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот.

Од владината прес-служба информираа дека министерствата за животна средина и просторно планирање и за здравство се должни да ги oслободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, лицата со прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, да се реорганизира работното време, лицата на отворено да работат од 11 до 17 часот, да ја спроведат забраната за одржување на спортски натпревари и други манифестации на отворено, да обезбедат услови за зголемени активности на службата за брза помош, домашната посета и патронажната служба.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, на прес-конференција вчера соопшти дека поради загаденоста на воздухот над дозволеното ниво, се воведува бесплатен градски превоз за скопјани. Мерката стапува на сила веднаш и оти важи подеднакво за автобусите на ЈСП и за приватните превозници.

Сите работодавачи им се препорачува да ги ослободат од обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронични болести, лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, обезбедување на прифатилишта за бездомниците, како и налог до испекторатот за животна средина да врши зачестена контрола на терен со цел да се откријат дивите депонии.

Засега, мерките дадоа скромни ефекти. Единствената надеж на скопјани и понатаму е времето.

Од УХМР најавија дека посилен северен ветер може да се очекува дури во петок.

Коментирај