Скопје го доби првиот 3Д пешачки премин како мерка против брзото возење

0
181

Јавното претпријатие „Улици и патишта“ почнува пилот – проект за исцртување на 3Д пешачки премини на скопските улици, јавува ТВ21. За почеток, меркава ќе се имплементира на неколку места, за да се спречат сообраќајните незгоди.

Првиот тридимензионален пешачки премин е нацртан на улицата „Самоилова“ кај Музејот на современата уметност. Директорот на „Улици и патишта“, Сенад Смаиловиќ, изјавил дека ваквите пешачки премини создаваат оптичка илузија кај возачите поради што тие ги забавуваат нивните возила кога се приближуваат кон пешачкиот премин каде пешаците ја минуваат улицата.

Тој додал дека претпријатието ги тестира овие мерки со цел да види дали ќе се одразат на намалување на брзото возење низ Скопје и на зголемувањето на безбедноста на пешаците.

3Д пешачки премини се поставуваат и на улицата „Борис Сарафов“, каде пред една недела настрада десетгодишно дете. Освен оваа акција, предвидено е на улиците да се постават и радари.

 Извор: infomax.mk

Коментирај