Силјановска во интервју за словенечка „Демократија“: Мигрантите мора да се вратат, нашите деца мора да останат!

0
266

„Демократија“ од Словенија објавува интервју со кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.

Обемното интервју во кое Силјановска Давкова зборува за сите актуелни теми, ви го пренесуваме во целост:

„Словенија е мојата втора татковина, нормално дека уште веднаш прифаќам да дадам интервју за вашиот медиум.“ – со насмевка и задоволство одговори кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова на барањето за интервју упатено од неделникот Демокрација.

Во изминатите неколку години, Македонија е под постојани турбуленции предизвикани од неколкугодишната политичка криза и скандалите со незаконско прислушување и емитување на нелегално стекнати прислушувани разговори. Процесот заврши со „Договорот од Преспа“, со кој земјата го смени уставното име во Република Северна Македонија.

Од самиот почеток, на овие тенденции се противи универзитетската професорка од Скопје, Гордана Силјановска Давкова. Силјановска важи за еден од највлијателните професори по политички систем и уставно право на Балканот. Сега, таа одлучи да се кандидира за претседател на државата за да може да ги стопира и да го смени текот на надолните текови во земјата. Поддржана е од најголемата опозициска партија, десничарската ВМРО-ДПМНЕ, но и од неколку десетици независни интелектуалци кои се вклулчени во нејзината кампања.

Анкетите за истражување на јавното мислење, покажуваат предност на Силјановска пред нејзиниот против-кандидат Стево Пендаровски од владејачката Социјалдемократска партија и доколку работите продолжат во истата насока, постои огромна веројатност Македонија да ја добие првата жена претседател на Републиката.

Гордана Силјановска, својата научна кариера ја градела во Словенија и како што вели, прилично е поврзана со словенечкиот народ каде што има многу пријатели. Тоа, беше само една од причините со неа да поразговарамне за претседателската кампања, но и за многу повеќе.

Како универзитетска професорка која предава уставно право и политички систем, на 63 годишна возраст одлучивте да влезете во претседателската трка во Македонија. Кој е вашиот главен мотив?

Не знам зошто ја спомнавме мојата возраст како нешто што ме дефинира, но ќе ве потсетам дека претседателот на најмоќната држава на светот, и словенечки зет, има 72 години. Впрочем и Платон вели дека со политиката треба возрасни да се занимаваат. Но, еве, да ви одговорам во тој стил: во својот животен век сум се обидела да влијаам на демократските текови во Македонија на сите можни начини, најмногу преку образовна и научна дејност, но и со јавен ангажман.

Сега ја гледам не само земјата, туку младата генерација во која лежи иднината на крстосница: наместо ветените реформи, доживуваме вредносна, морална, политичка и економска регресија. Темелните вредности на уставниот поредок се целосно дерогирани, а Преспанскиот процес (н.з се мисли на промената на името на Република Македонија во „Република Северна Македонија“), начинот на кој беше воден и како се спроведува, доведува до огромен внатрешен конфликтен потенцијал. Демократијата е на ниско ниво, службите сеуште не се реформирани, работеле и се под влијание на менталитетот на УДБА.

Додека мигранти секојдневно се појавуваат на нашите граници, нашите младите се мислат да дигнат сосема раце од земјата. Мигрантите мора да се вратат, а нашите млади да останат! Генерално, мора сите заедно да се зафатиме со сеопшта реконструкција. Кога имате уставен поредок во парампарче, тогаш уставен правник е некој кој можеби ќе треба да ги постави темелите одново. Јас како експерт кој докторирал во Словенија ги возприемив и се залагам точно за тие европски вредности, за владеење на право и правда за Македонија!

Вашите студенти ве квалификуваат како „лев-либерал“ по идеологија, но Вие победивте на конвенцијата на центар-десната ВМРО-ДПМНЕ и сега сте нивни кандидат за претседател. Кој направи идеолошки компромис, Вие или ВМРО-ДПМНЕ?

Искрено, моите студенти ме квалификуваат како најпопуларниот професор на Правниот факултет. Јас нив ги третирам еднакво и со респект, обидувајќи се да ги едуцирам, а не идеологирирам. Вистина е дека две години бев формално член на Либералната партија и министерка без ресор во владата од 1992-94. Се сметам за комбинација на еманципирана жена со традиционалните семејни вредности.

Состојбата во која се наоѓа Македонија бара обединување на сите опозициски сили, а не идеолошко-политички поделби. Како некој кој бил критичар на секоја власт, па и на таа на Груевски, можам да заклучам дека најголемата опозициска партија го согледа значењето на моментот и на националните интереси. Овие избори не се нормални, вообичаени избори, бидејќи се случуваат во време на најтежок удар врз демократските вредности заради национален инженеринг.

Како интелектуалец и професор, вие заземавте исклучително тврд став околу промената на уставното име на Република Македонија, сите во земјата добро знаат дека името беше сменето пред се за да се откочат интеграциите во ЕУ и НАТО. Дали ова значи дека вие застапувате анти ЕУ и НАТО политики?

Таа теза е она што власта го користеше во сиот изминат период кон секој што се обидуваше со научни аргументи да предупреди и да се спротивстави. Јас мојата научна кариера сум ја изградила во претежно западните научни кругови, два мандата бев член на Венецијанската комисија, членувам во бројни експертски тела на ООН, Советот на Европа, експерт сум на ОБСЕ за избори, итн.

Ја отфрлам со индигнација стратегијата на власта која одбива да го слушне и гласот на научниците, јавните интелектуалци, но и на граѓаните – искажан на референдумот на 30 септември, кој беше не само спроведен спротивно на Кодексот на добри референдумски практики на Венецијанската комисија, туку и на уставот. Во НАТО ќе влеземе, но тоа е полесниот дел од задачата, бидејќи зависи од геополитички околности. ЕУ е далечна цел со оглед на кршењето на сите Копенхашки критериуми во текот на изминатите две години. Затоа, препорака за почеток на преговори, Македонија нема да добие ни на следниот самит. Со поразот на оваа власт, ќе се фокусираме на реформите потребни за членство во ЕУ со поддршка на нашите партнери од регионот како Словенија.

Најавувате дека како претседателка ќе составите комисија од експерти кои ќе се обидат преку меѓународно право да докажат дека промената на името на вашата земја е извршено со кршење на меѓународното право. Навистина верувате дека на глобалните елити им е грижа за почитувањето на меѓународното право? Зарем не е се оставено на чисти геостратешки интереси?

Јас зборувам како човек кој целиот живот го посветил на правото. Укажувањата за инвалидноста на Преспанскиот договор дојдоа од врвни имиња, професори по меѓународно право, како Френсис Бојл или Џејмс Питифер, на пример. Ако се откажеме од нормите на меѓународното право како мали држави, дали тоа значи дека ќе прифатиме дека might is right, дека меѓународната сцена им припаѓа само на силните? Не, се разбира. Словенија има проблем со Хрватска и во таа смисла треба да има разбирање и свест дека за малите земји аргументот на правото е единствениот начин да се справат со поголеми држави.

Како ќе ја прокоментирате улогата на САД во процесот на промена на уставното име на вашата земја? Доколку тој процес се ревидира, тоа би значело директна конфронтација на нивните политики…

САД е наш сојузник но имајте предвид дека како претседател на републиката планирам да бидам посветена првенствено на националните интереси на Македонија. Соработката со малите и големите држави треба да се одвива со взаемна почит. Наше е да ги искористиме меѓународните инстанци, првенствено во рамки на ОН, за да ги сочуваме сопствените интереси. И во времето кога Македонија поднесе тужва пред Меѓународниот суд на правдата во врска со ветото на Грција на самитот на НАТО во 2008, имаше силни притисоци и критики, но ние го добивме спорот. Штета е што владата на Заев не знаеше да ги искористи тие аргументи.

Вашиот докторат сте го одбраниле во Република Словенија, каква е вашата поврзаност со нашата земја?

Втора татковина. Со гордост кажувам за мојот докторат на Универзитетот во Љубљана, одбранет cum laude. Се сметам за „словенечки ученик“, и соработувам со многу колеги, стекнав многу пријателства. Затоа со радост ја прифатив и вашата покана за интервју. Словенија и Македонија имаат многу заеднички нешта, од големината до заедничкото минато, борбата на мали народи за зачувување на сопствениот јазик и идентитет, отвореност кон европските ветришта и домашните премрежија. Накусо, ја сакам „дежелата„ и секогаш сум како дома во неа.

Еден од најголемите проблеми кои ја мачат Словенија е нелегалната миграција на луѓе од Блискиот исток. Македонија е своевидна порта за овие мигранти. Како претседател и врховен командант на армијата, какви ќе бидат вашите политики во однос на илегалната миграција?

Македонија мина низ големи искушенија за време на пикот на мигрантската криза во 2015/16 година, дел сме на т.н. Балканска рута. Предизвиците се навидум смирени, но постојат. Ќе ги користиме искуствата на поразвиените земји, ќе сработуваме регионално, особено со членките на ЕУ и со ФРОНТЕКС, ќе ги почитуваме меѓународните конвенции и ќе правиме дистинкција меѓу илегална миграција, воени бегалци, економски мигранти, итн. Македонскиот народ памети бегалски страдања, покажал хуманост со други во несреќа.. Вистинското решение треба да се бара во подобрување на состојбата во земјите од каде што доаѓаат овие несреќни луѓе. Борбата против тероризмот е другата страна на паричката, и ние тука имаме воспоставено пракса на соработка со сите релевантни меѓународни и регионални институции.

Поради некаква ситна поврзаност со фондацијата на Џорџ Сорос во деведесетите, дел од десницата во Македонија тешко ве прифаќа. Дали Гордана Силјановска е човек на Сорос?

Не, независна сум била, сум и ќе бидам, како политичар ќе работам само и само за интересите на мојата татковина. Вистината е дека краток период бев член на управниот одбор на Институтот Отворено општество во 90-те, заедно со речиси сите познати македонски интелектуалци и професори и од левицата и од десницата.

Како ќе ги прокоментирате последните операции на невладините на Сорос кои организираат логистика за нелегалните мигранти?

Нелегални мигранти се нелегални мигранти и мора да се разликуваат од лица на кои може да им се даде право на азил. Работата на невладините организации треба да им помага на бегалците од војна и политичко, верско, расно и етничко насилство.

Вашиот против кандидат Стево Пендаровски важи за човек кој својата кариера ја градел во разузнавачките служби и неминовно е поврзан со структурите на поранешната УДБА. Во исто време, очигледно е дека почна валкана кампања против вас, ве критикуваа поради вашиот син кој свири кавал и собира донации за сиромашните, го исмеваат поради тоа. Во оваа кампања, ваш противник е Стево Пендаровски, или УДБА?

Влијанието на тајните служби во внатрешните политички пресметки се за жал рак-рана за секоја демократија, а особено за младите демократии. Македонија се уште ги нема залечено раните и расчистено со аферата прислушување, зошто уште нема судска одлука за тоа кој и зошто прислушувал. Често слушаме дека „УДБА е наша судба“. Се додека немаме реформски закони, демократска контрола и надзор на работата на службите ние ќе имаме проблем со остатоците на УДБА, операциски или по менталитет.

Пендаровски е човек кој израснал во безбедносните структури, од портпарол до национален координатор за НАТО, советник за национална безбедност, итн., и релативно доцна стана дел на академската фела. Интересен беше стартот на неговата (пред)кампања кога изјави дека е следен од некакви тајни служби, што мене лично ме наведе да прашам: дали има пилот во авионот? Дали е власта тотално неспособна, па нејзиниот кандидат за претседател е загрозен? Или станува збор за политичка пресметка? Деновиве во медиумите излегуваат фотографии од мојот син, но и се наѕира почеток на валкана кампања која ќе биде бескрупулозна.мојот син е 2 во неговата генерација, свири пијано и кавал, прави лулиња, и свој независен човек. Јас само потсетувам дека за амбиентот за фер и демократски избори е одговорна актуелната влада!

Што и нудите на Македонија како нејзин претседател? Што ќе се промени со вас како шеф на државата?

Имам план како да бидам различна претседателка од сите досегашни, иако уставните овластувања се практично идентични од времето на првиот претседател до денес. Планирам да бидам буден и гласен претседател. Имам богата програма направена со сериозен тим на експерти образовани во странство, но ќе се потпрам и на она што значи личност со интегритет и морален авторитет. Претседателот може да посредува или превенира конфликти, само доколку е во контакт со своите граѓани, а јас тоа го планирам во подеднаков степен како и со меѓународните фактори.ќе бидам, скромна и ќе се трудам да ги намалам привилегиите лои ги има функцијата. Ќе стимулирам меритократија!

Европската Унија е постојано критична за вашата земја во однос на владеењето на правото, а вие ветувате дека ќе се борите токму за тоа. За колку време очекувате Македонија да стигне до ниво на една земја членка на ЕУ, кога говориме за ова прашање?

Веќе ви одговорив дека Македонија минува низ регрес, а не прогрес. Токму затоа не можеме ни да се лутиме на нашите пријатели од ЕУ кога ни забележуваат особено за слабостите во сферата на корупцијата на највисоко ниво, правосудството, непотизмот, нетранспаретноста, а што е најстрашно во последно време сведочиме на пресметки и репресија кон сите неистомисленици: од уметници до интелектуалци. Овој тренд мора да запре, мора да се соочиме со фактот дека промената на името не е влезница за ЕУ, дека нашиот бренд не е „Северна“, туку е „Македонија, моќна заради владеењето на правото.„

Бевте дел од последниот конгрес на ЕПП во Брисел. Таму се сретнавте со многумина од ова семејство. Кои се вашите впечатоци?

Ова е за мене беше убаво искуство, особено средбите со Дорис Пак и Анегрет Крамп-Каренбауер. Добив многу позитивни импулси, но имавме и сериозни и отворени разговори за проблемите со кои сега се соочува Македонија, но и ЕУ во пресрет на мајските избори.

По самитот на ЕПП, Андреј Ковачев, европратеник од Бугарија излезе со став дека нема да ве поддржат затоа што сте анти-бугарски настроена и верувате во митовите на Тито за македонска нација. Зошто толку ги мразите Бугарите?

Бугарите се многу блиски со македонците, нема дилеми. Во однос на прашањето да кажам дека јас навистина имав куса размена со господинот Ковачев и на мое огромно изненадување тој веднаш излезе со агресивен Фејсбук пост и инсинуации против мене. Јас не одговорив на таа провокација, затоа што неговите напади зборуваат за него самиот и за стереотипите и триумфализмот кај дел од бугарските политичари за кои Македонија претставува „најроманичен дел од нивната историја“.

Нашите земји сметам дека мора да имаат исклучително блиски односи, да ја подобриме размената на стоки, услуги и културни добра помеѓу Скопје и Софија. За мене еден од приоритетите ќе биде уште повеќе да ги подобрам односите со источниот сосед во секоја смисла Рецензент на мојот учебник Уставно право е професор Воденичаров од Бугарија професор Милачиќ србин од Франција, и професорот Франц Град од Словенија.

На овие избори, многу мал дел од македонската дијаспора се пријави да гласа. Што мислите, зошто е тоа така?

Дијаспората, и македонците и албанците и ромите, сите генерално се клучот за економскиот опстанок и прогрес на Македонија. Таа ги следеше сите случувања изминатата година и беше интензивно вклучена во борбата за зачудување на уставното име. На овие избори малкумина се регистрирале да гласаат, претпоставувам, затоа што многумина не добиле соодветна информација кога и каде да се регистрираат. Мора активно да ги вклучуваме во сите процеси.

Што би им порачале на вашите сонародници кои живеат во Словенија и се пријавиле да гласаат на наредните избори?

Најнапред би им заблагодарила што се нашле во оној мал број лица кои се регистрирале и така покажале дека сакаат да се активно вклучени во креирањето на иднината на Македонија. Нека ја следат кампањата будно и сами ќе проценат кој е најдобар кандидат.

Извор:Лидер

Коментирај